Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел денес на пленарната седница на Европскиот парламент изјави дека соработката меѓу ЕУ и САД е многу добра кога станува збор за дијалогот меѓу Белград и Приштина.
„Ние работиме многу добро со САД во дијалогот меѓу Косово и Србија. Морам да кажам дека работата е многу ефикасна“, рече Борел одговарајќи на пратенички прашања.
Европскиот пратеник од Хрватска, Тонино Пицула, го праша Борел дали ЕУ размислува да биде посредник во политичката криза низ која Црна Гора минува веќе три години и да одигра слична улога на медијатор како во време на политичката криза во Македонија
„Нашата определба во Црна Гора е да ги поддржиме демократските структури во земјата за да функционираат подобро и Црна Гора да може повеќе да направи на европскиот пат, да биде поангажирана во спроведувањето на реформите“, изјави Борел.
Додаде дека се подразбира оти некои политички проблеми во Црна Гора треба да се решаваат преку институциите во таа земја.
„Ние работиме многу добро со САД во дијалогот меѓу Косово и Србија. Морам да кажам дека работата е многу ефикасна. Работевме и во контекст на Македонија. Зошто не и со Црна Гора? Но, засега работиме координирано и меѓу другото се занимаваме и со дезинформации, но не сме влегле во заедничка медијација. Барем не засега. Би сакал да ја искористам оваа прилика да истакнам колку е важна нашата соработка во обидот да се реши проблемот меѓу Србија и Косово“, одговори Борел.