Утрински Весник
Македонија

Безбедносните служби на скопскиот аеродром постапиле професионално со Вјоса Османи, покажа извештајот на АЦВ

Aerodrom.jpg

Агенцијата за цивилно воздухопловство, АЦВ, го објави извештајот за инцидентот од 1 август на скопскиот аеродром. Во него стои дека безбедносните служби на скопскиот аеродром постапиле професионално и согласно меѓународните правила во врска со случајот со претседателката на Косово, Вјоса Османи. Според Агенцијата, тимот на инспектори не констатирал неправилности, а се истакнува дека ова не е првпат Вјоса Османи да одбила безбедносни проверки на аеродромот.

„Тим инспектори од АЦВ изврши низа проверки на докази и исклучителен надзор во „ТАВ Македонија, во врска со недоличниот инцидент во кој е вмешана претседателката на Косово, Вјоса Османи. Утврдено е дека аеродромските служби, надлежни за безбедносни контроли, во рамките на своите работни обврски постапувале професионално, не дозволувајќи избегнување на стандарди и процедури, дури ни под влијание на лицата кои ја придружувале патничката. Одбивањето да се спроведат стандардни безбедносни проверки со истите патници, според доказите, се случило и во 2022 и 2023 година, кога безбедносните проверки биле прифатени дури откако водачот на воздухопловството одбил да прима патници без безбедносна проверка. Како независно регулаторно тело би сакале да останеме настрана од политички судири за овој несоодветен случај“, се наведува во соопштението на Агенцијата за цивилно воздухопловство”.

Инцидентот на скопскиот аеродром се случи на 1 август кога претседателката на Косово, Вјоса Османи, патувала за Љубљана. Османи побарала помош од спикерот Африм Гаши, кој ги испратил свои телохранители да го решат случајот.

МВР пред неколку дена поднесе кривична пријава против шефот на обезбедувањето на спикерот Гаши. Тој е суспендиран од работа и ќе одговара за нарушување на безбедноста. Дисциплинска постапка е поведена и против двајца полицајци.

Според реакцијата на претседателството на Косово: „Во ниту една земја во светот од шефот на државата не се бара да го предаде својот телефон на скенирање. Во другите земји не се проверува ниту личниот багаж ниту личната торба на шефот на државата, а камоли личниот телефон. Од десетиците земји што ги посетивме до денес, РСМ е единствената земја во светот која одбива да го примени меѓународното право и конвенциите што се однесуваат на шефот на државата. Претседателката ја ставила чантата на проверка и го поминала скенерот. Секоја друга изјава е пропаганда за политички цели, рекоа во реакцијата на претседателството на Косово.

Можете да прочитате

Спасовски: Случајот на Скопскиот аеродром е сериозен безбедносен инцидент и треба да се сноси политичка одговорност

МВР со осуда за оштетувањето на спомен плочата кај „Карпалак“

Претрес во Прилеп, пронајдена дрога, приведено едно лице