Утрински Весник
Економија

Бакарот станува стратешки метал за енергетската и дигиталната иднина, новите рудници се неопходни

Bakar.jpg

Побарувачката за бакар во наредните години би можела значително да порасне под влијание на развојот на дата-центрите, проширувањето на електродистрибутивните мрежи и ограничената понуда од нови рудници, оценува американската консултантска куќа за инвестиции и финансии „The Motley Fool“.

Од таму ги повикуваат инвеститорите да обрнат внимание на бакарот и оценуваат дека металот се приближува кон клучна пресвртна точка. Како показател за зголемениот интерес, во анализата се наведува дека берзанскиот фонд за бакар COPX во изминатата година забележал раст од 37%.


Според „The Motley Fool“, комбинацијата од растечка побарувачка и стареење на постојните рудници може да создаде значителен притисок врз понудата. Дел од постојните рудници произведуваат сè помалку, додека новите количини на бакар не се очекува да стигнат на пазарот доволно брзо.

Како три главни фактори што ќе влијаат врз пазарот во следните години се издвојуваат развојот на дата-центрите, потребата од нова и посилна електроенергетска инфраструктура и недостигот од гринфилд проекти за ископ на бакар.

Токму во оваа категорија спаѓа и проектот „Иловица-Штука“ во Македонија. Според геолошките истражувања наведени во анализите за наоѓалиштето, станува збор за значаен потенцијал за производство на бакар, со повеќе од 700 илјади руден концентрат и потенцијал за извоз на над 10 илјади тони бакар годишно во период од две децении.

Потенцијалот на „Иловица-Штука“ претходно беше истакнуван и во анализа на универзитетски професори, кои го оцениле порфириското наоѓалиште на бакар и злато како најголем потенцијал за гринфилд рударски проект во земјата.
Професорот Ѓорѓи Димов неодамна посочи дека станува збор за големо наоѓалиште, од кое значителен дел е истражен, а по генетскиот тип е слично со порфириските наоѓалишта на бакар во Грција, при што, според него, домашните геолози имаат пресметано и поголеми резерви.

Во услови на растечка глобална побарувачка, прашањето за отворање нови рудници станува сè поважно, а гринфилд проектите како „Иловица-Штука“ претставуваат потенцијална можност Македонија да се вклучи во идниот синџир на снабдување со бакар.

Според прогнозата на американската финансиска куќа, големите технолошки компании Alphabet, Amazon, Microsoft и Meta Platforms оваа година трошат 735 милијарди долари на капитални расходи, од кои голем дел се наменети за центри за податоци. Според проекциите на McKinsey, инвестициите во центри за податоци би можеле да достигнат 7 трилиони долари до 2030 година. Бакарот е од суштинско значење за центрите за податоци поради неговата електрична спроводливост и топлинска ефикасност.

„Дата центрите бараат огромни количества бакар. Според Асоцијацијата за развој на употребата на бакар (Copper Development Association), на напредните дата центри може да им бидат потребни и до 50.000 метрички тони бакар. Конвенционалните центри за податоци користат меѓу 5.000 и 15.000 тони бакар. S&P Global предвидува дека побарувачката за бакар би можела да порасне за 50 % до 2040 година, при што побарувачката за бакар за вештачката интелигенција и дата центрите би се зголемила тројно за истиот период“, се потенцира во анализата.

Дополнително, побарувачката за електрична енергија постојано расте. Според анализата на Институтот на Bank of America, се предвидува дека побарувачката за електрична енергија во САД ќе расте со стапка од 2,5% годишно до 2035 година, а раст се очекува и во Европа. Оваа стапка е пет пати повисока отколку во претходната деценија, што ја нагласува итната потреба од надградба на застарената електроенергетска мрежа. Надградбата на електроенергетската мрежа може да трае од четири до 12 години, вклучувајќи го поставувањето нови далноводи, надградбата на трафостаниците и обезбедувањето на електрична енергија. Според Меѓународната асоцијација за бакар, приближно 44% од вкупното количество произведен бакар се користи за производство, дистрибуција и пренос на електрична енергија.

„Исто така, заложбите за системи за обновлива енергија – како што се големите соларни постројки и ветерните турбини – бараат значително поголемо количество бакар по мегават капацитет во споредба со централите. Бакарот е важен за намотките на генераторите и за каблите за пренос на долги растојанија. Денес, енергетските компании се соочуваат со предизвикот да ги заменат старите далноводи, истовремено поврзувајќи ги дистрибуираните извори на обновлива енергија во мрежата“, проценува консултантската куќа.

Третиот фактор што ќе влијае на повисоката цена за металот е влошеното снабдување со бакар. Во Чиле и Перу, големите производители на бакар се соочуваат со опаѓање на квалитетот на рудата и неопходна е преработка на многу поголеми количини материјал, што ги зголемува оперативните трошоци. Овој предизвик би бил надминат доколку се отвораат нови гринфилд рудници.

„Сепак, во текот на наредните неколку години е предвидено започнување на мал број големи гринфилд проекти. Во рударството, „гринфилд“ проектот подразбира развој на сосема ново наоѓалиште на земјиште што претходно не било експлоатирано. Овие проекти можат да обезбедат големи количини бакар на пазарот, за разлика од „браунфилд“ рудниците, кои всушност претставуваат проширување на постоечките рудници. Гринфилд проектите станаа реткост. Според „S&P Global Market Intelligence“, за ваквите проекти потребни од 16 до 18 години за да започнат со работа – од почетните истражувања и откривањето, па сè до добивањето на регулаторните одобренија и почетокот на комерцијалното производство“, се истакнува во анализата.

Консултантската куќа заклучува дека пазарите на бакар би можеле привремено да здивнат до крајот на 2027 година, бидејќи постоечките рудници настојуваат да се шират, а послабата градежна активност во Кина ја намалува побарувачката. Но, додаваат дека до 2028 година, структурните ограничувања на понудата би можеле да станат јасни, бидејќи изградбата на дата центри и надградбите на електричната мрежа се забрзуваат. Со оглед на тоа што само неколку големи рудници би биле пуштени во употреба, дефицитите на бакар би можеле да пораснат и да ги зголемат цените до крајот на деценијата.

Можете да прочитате

Дизелот поевтинува за 3, а бензините за 1,5 денар за литар

Обесштетување за сточарите и 450.000 вакцини против сипаници кај овците, најави министерот Серафимовски

Стопанската комора предлага укинување на префрлањето на празниците што паѓаат во недела