Австрискиот експерт за Источна Европа Герхард Мангот смета дека опасноста од поделба во ЕУ е реална и дека „леденото доба“ со Русија ќе трае најмалку до 2030 година.
Мангот вели дека може да дојде до поделби во ЕУ, кога станува збор за санкциите, ако, на пример, Унгарија стави вето.
„Поделба е можна, но во моментов не е сигурно. Поголем проблем од санкциите се разликите во однос на воените цели на Украина. Некои земји сакаат сите руски војници да бидат протерани од Украина, како и од Крим. Други земји, како на пр. Германија и Франција сакаат да се вратат во статус кво пред 24 февруари, кога изби војната. Во тоа сценарио, Крим би останал припоен кон Русија. Тие две гледишта исто така влијаат на испораките на оружје на Европа”, објасни тој.
На прашањето дали многубројните посети на европските лидери на Киев донесоа нешто, тој рече дека тие се сигнал за солидарност кон украинската влада и населението, но некои од државите тоа го направија и од внатрешнополитички причини.
Доделувањето кандидатски статус на Украина, според Мангот, носи краткорочен ефект, кој дава надеж за украинското население и претставува само симболичен гест.
„Меѓутоа, таа одлука ја сметам за несреќна, бидејќи преговорите нема да можат да започнат многу години, а ќе траат многу долго. Тогаш ќе дојде до отрезнување и сознание дека патот кон Европа не е брз пат“, изјави тој за дневниот весник „Кронен цајтунг“.
Прашан за односите меѓу ЕУ и Русија, Мангот рече дека Европа не е обединета во овој поглед.
„ Германскиот канцелар Олаф Шолц, на пример, рече дека ја одбива посетата на рускиот претседател Владимир Путин додека војната не заврши според условите на Украина. Тоа нема да биде потпишано од источноевропските земји, кои не сакаат Путин да стапне на европското тло“, рече тој.
Мангот изрази уверување дека Путин повторно ќе се кандидира на изборите во 2024 година и дека неговиот мандат ќе трае до 2030 година, а дотогаш ќе продолжи „леденото доба“ меѓу ЕУ и Русија, односно односите ќе останат замрзнати.