
Аргентина е вториот финалист на Светското првенство откако во драматично полуфинале во Атланта ја совлада Англија со 2:1. Иако „гаучосите“ до 85. минута имаа негатива од 1:0, со два гола во самиот финиш успеаја да направат голем пресврт и да обезбедат дуел за титулата против Шпанија.
Полуфиналниот натпревар започна претпазливо и со многу тензии на теренот. Со оглед на историското ривалство и политичката позадина меѓу двете земји, двете селекции влегоа внимателно во мечот, па долго време немаше вистински шанси за гол.
Првиот удар кон голот беше забележан дури во 33. минута кога Џон Стоунс се закани со удар со глава, но топката заврши покрај голот. Аргентина возврати во 39. минута преку Енцо Фернандез, чиј удар од работ на шеснаесетникот мина покрај десната статива на Џордан Пикфорд.
Првото полувреме не понуди многу возбудувања, а атмосферата на трибините не беше на нивото на едно светско полуфинале.
По паузата, Аргентина беше поагресивна. Хулијан Алварез уште во 47. минута имаше две добри можности, а првиот погодок на натпреварот пристигна во 55. минута. По нафрлувањето на Морган Роџерс, Науел Молина лошо реагираше, а Ентони Гордон ја испрати топката во аргентинската мрежа за водство на Англија од 1:0.
Аргентина потоа целосно го презеде иницијативата. Нико Гонзалес беше запрен од одличниот Пикфорд, додека Алексис Мекалистер двапати се закани со удари со глава, од кои едниот заврши во стативата.
Кога изгледаше дека Англија ќе обезбеди место во финалето, Аргентина возврати во голем стил. Во 85. минута, по асистенција на Лионел Меси, Енцо Фернандез со фантастичен удар од дистанца го совлада Пикфорд и го израмни резултатот на 1:1.
Во судиското надополнување, по уште еден опасен напад на Аргентина, Алексис Мекалистер ја погоди стативата, а топката стигна до Лионел Меси, кој мајсторски нафрли кон Лаутаро Мартинез. Напаѓачот со удар со глава ја испрати топката во мрежата за голема радост на аргентинските навивачи и конечни 2:1.
Со оваа победа, Аргентина обезбеди ново финале на Светското првенство, каде ќе се соочи со европскиот шампион Шпанија во битката за светската титула. Англија, пак, ќе игра против Франција во натпреварот за третото место.


