
Централната изборна комисија на Израел забрани учество на арапските партии на претстојните парламентарни избори закажани за 27 октомври, додека истовремено го отфрли барањето за исклучување на крајнодесничарската еврејска партија „Оцма Јехудит“, предводена од министерот за национална безбедност Итамар Бен-Гвир, објави ДПА.

Комисијата со 18 гласа „за“ и пет „против“ одлучи да ги исклучи конзервативно-исламистичката партија „Раам“, предводена од Мансур Абас, како и заедничката изборна листа на партиите „Хадаш“, „Таал“ и „Балад“, а забраната се однесува и на одделни пратеници.
Барањата за дисквалификација на арапските партии се засноваа на тврдења дека тие ја поддржуваат вооружената борба против Израел, што засегнатите партии веднаш го осудија, оценувајќи ја одлуката како „политичка, расистичка и антидемократска“. Од друга страна, поддржувачите на исклучувањето се повикуваат на безбедносни причини и забележуваат дека дел од арапските пратеници одбиваат да го признаат Израел како еврејска држава, одредба за која арапските политичари тврдат дека директно го дискриминира нивното малцинство.
Одлуките на комисијата сè уште не се конечни бидејќи подлежат на жалба пред Врховниот суд на Израел, за кој се очекува дека е многу веројатно да ги поништи овие забрани.
Оваа одлука доаѓа во момент кога анкетите на јавното мислење покажуваат дека ниту блокот на премиерот Бенјамин Нетанјаху, ниту неговите политички противници немаат обезбедено апсолутно мнозинство. Доколку Врховниот суд ѝ дозволи учество, партијата „Раам“ би можела да одигра клучна улога во формирањето на идната владина коалиција, иако Нетанјаху и дел од еврејската опозиција во повеќе наврати ја отфрлаа можноста за соработка со арапските политички субјекти.


