Утрински Весник
Македонија

Апелација пресече: Ковачки клеветел, Петровска доби правна сатисфакција за лагите за „хациендата со базен“

46cd1e58 265b 4453 a469 c21f7313da60.jpeg

Пратеничката од СДСМ и поранешна министерка за одбрана, Славјанка Петровска, преку објава на Фејсбук информираше дека Апелациониот суд Скопје ја потврдил првостепената пресуда со која, како што наведува, пратеникот Драган Ковачки е прогласен за одговорен за клевета и навреда.

Петровска потсети дека пред три години Ковачки на повеќе прес-конференции јавно ја обвинувал дека поседува непријавен имот, односно хациенда со базен, тврдења кои, како што нагласува, уште тогаш ги демантирала.


„Најодговорно тврдев дека не поседувам скриен имот и дека посочениот имот никогаш не бил мој. Но, упорно и континуирано се ширеа лаги и дезинформации со единствена цел да се нарушат мојот углед и чест“, наведува Петровска.

Таа посочува дека, и покрај, како што тврди, обидите на Ковачки да ги одолговлекува судските постапки, Апелациониот суд на седница одржана на 23 април 2026 година ја потврдил првостепената пресуда за клевета и навреда.

Според Петровска, оваа судска одлука претставува уште едно разобличување на, како што оценува, лагите и политичките конструкции со кои ВМРО-ДПМНЕ дошла на власт.

„Лаги, конструкции и политички напади беа нивната алатка тогаш, а тоа е нивната алатка и денес. Вистината може да биде напаѓана, одложувана и извртувана, но на крајот секогаш излегува на виделина“, истакнува Петровска, додавајќи дека граѓаните ќе ја дадат конечната оценка на избори.

Можете да прочитате

Филипче на одбележување на 83 годишнината од масакрот на младинците во Ваташа

Основната каматна стапка зголемена за 0,25 процентни поени

Тошковски: Превенцијата на насилството кај младите бара брза реакција, силна координација и активно учество на младите