Утрински Весник
Македонија

Ангелов: Опасна бактерија во водата во Гостивар – предизвикува инфекции на кожата, очите и ушите

Img 0059.jpeg

Водата во Гостивар се уште не е безбедна за пиење и употреба, бидејќи е потврдено присуство на бактеријата Pseudomonas aeruginosa, која ја прави микробиолошки неисправна и претставува ризик за здравјето на граѓаните. Ова денеска го изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

„Постои присуство на Pseudomonas aeruginosa во водата за пиење. Овие бактерии ја прават водата микробиолошки неисправна и небезбедна за консумирање, бидејќи се опасни за здравјето, особено за лицата со ослабен имунитет“, изјави Ангелов.

Тој појасни дека бактеријата може да предизвика инфекции на кожата, очите и ушите, а кај почувствителни лица и инфекции на уринарниот тракт и белите дробови. Дополнително, посочи дека се карактеризира со висока отпорност на многу вообичаени лекови и антибиотици, што го отежнува лекувањето на евентуалните инфекции.

Во меѓувреме, за да се обезбеди вода за граѓаните, денеска се ангажирани три цистерни со питка и техничка вода.

„Една цистерна е од Територијалната противпожарна единица Гостивар, една од Бехтел и Енка и една од Општина Боговиње. Досега по двапати се упатени кон граѓаните, а до вечерва е планирано да извршат уште по два турнуса. Дистрибуцијата се врши во тесна координација со Општинскиот штаб за заштита и спасување на Општина Гостивар“, изјави Ангелов.

Надлежните апелираат граѓаните и понатаму да не ја користат водата од водоводната мрежа за пиење и подготовка на храна сè додека официјално не биде потврдено дека таа е здравствено исправна.

Можете да прочитате

Бугарски пратеници со забранет влез се појавиле на судење во Македонија

Зошто денес има повеќе пожари отколку пред 15 години?

Родилка по царски рез останала неподвижна – ДСЗИ ја проверува документацијата во три болници