Утрински Весник
Македонија

Јаневска: Без силен придонес од високото образование, не може да се решат главните предизвици на современите општества

20260326094604 big 730x400 79.webp.webp

Високото образование треба да обезбеди нашите општества да се развиваат и управуваат врз основа на фактичко знаење, како и на расудување и творечко размислување. Вакви универзитети се цел на сите нас во регионот, порача министерката за образование и наука Весна Јаневска на отворањето на дводневната конференција „Мостови кон иднината: Интернационализација на високото образование на Западен Балкан и Југоисточна Европа“ во Скопје, која МОН ја организира во партнерство со Регионалниот совет за соработка и Светската банка.

Таа посочи дека крупните геополитички промени што се случуваат ја јакнат свеста во мали држави како нашата дека образованието е нашата најсигурна инвестиција и дека иднината на нашите економии, нивната одржливост и отпорност зависи од нашата решеност и умеење да направиме квалитетно високо образование.


-Без силен придонес од високообразовната заедница преку истражувања, учење и настава, општествено влијание, иновации и трансфер на технологии, не може да се решат главните предизвици на современите општества, вклучително и оние кои се однесуваат на целите на Обединетите нации за одржлив развој, опстанокот на нашата планета, прашањата за војната и мирот, демократијата и заедничкиот живот. Според Универзитетската повелба 2020, универзитетите имаат одговорност да се вклучат и да одговаараат на актуелните прашања, придонесувајќи за добробит на човештвото и за одржливост. Високото образование треба да обезбеди нашите општества да се развиваат и управуваат врз основа на фактичко знаење, како и на расудување и творечко размислување. Вакви универзитети се цел на сите нас во регионот, истакна Јаневска нагласувајќи дека во таа насока клучна е интернационализацијата на високото образование затоа што размената носи и иновации преку заеднички проекти и партнерства, отворајќи пристап до знаење, технологии и финансирање.

Како што рече, интернационализацијата е неодминлив механизам што им овозможува на студентите да стекнат поголеми дигитални и зелени вештини, а како држави да нè придвижи кон иновации што отвораат нови работни места и како регион да нè направи поконкурентни на европскиот и глобалниот пазар.

-Во следниот период ни претстои интензивна работа со цел продлабочување на меѓусебната соработка и градење институционални капацитети, како обезбедување еднаков пристап за сите студенти и наставници до заедничките образовни добра. Но, предизвиците се бројни. Универзитетите и државите имаат ограничени средства за програми за мобилност, за истражувачки проекти и инфраструктура. Недостигот од стабилно финансирање ја прави интернационализацијата зависна од донации наместо од долгорочна стратегија. На овој план, како држава, Република Македонија во последнава година и половина направи крупен исчекор. Ги зголемивме вложувањата во високото образование и науката, а цврсто сме решени буџетските средства за оваа намена и во следните години да растат, посочи Јаневска.

Растот на соработката, рече таа, зависи и од бирократските процедури, институционалниот капацитет како и усогласеноста со европските стандарди, а најголемата бариера, како што  рече, останува стравувањето дека мобилноста ќе ни одземе од и онака осиромашениот академски и научен корпус и дека највредните студенти, најплодните професори и најпосветените истражувачи ќе заминат и нема да се вратат.

-Нашата умешност треба да ја покажеме во обезбедувањето механизми за претворање на „одливот на мозоци“ во „циркулација на мозоци“. Не е целта да спречиме мобилност, туку да ја претвориме во процес во кој студентите и професорите заминуваат, но се враќаат со нови знаења, контакти и идеи. Така, интернационализацијата станува пристап што не ја осиромашува нашата академска заедница, туку ја збогатува и ја прави поконкурентна, истовремено поттикнувајќи иновации и развој на државите. И што е исто толку важно, гледано од аспект на учесниците во академската размена – таа мора да остане достапна за сите, а не само за оние со финансиски можности. Не смееме да дозволиме студенти и наставници да се вреднуваат надвор од академските критериуми и поради тоа да бидат исклучени. Финансискиот момент не смее да биде одлучувачки ниту за универзитетите и тие да ја гледаат интернационализацијата само како начин за привлекување странски студенти заради приходи. Таа е и ќе биде средство за подобрување на високото образование и за размена на знаење, нагласи министерката за образование и наука.

Обраќањето Јаневска го заврши со порака дека меѓународната соработка во високото образование треба да остане инклузивна и фокусирана на квалитет.

Како што рече, очекува дискусиите од дводневната конференција „да помогнат да го позиционираме Западен Балкан во рамките на пошироките европски и глобални мрежи за високо образование“ и е уверена, рече, дека „ќе дојдеме до применливи чекори што ќе ги насочат нашите реформи кон модернизација на наставата, унапредување на истражувањата и создавање инклузивни услови за студентите и професорите, со цел да изградиме конкурентен и препознатлив регионален академски простор“.

Конференцијата, која денеска се организира под покровителство на МОН,  претставува дијалог на високо ниво кој обединува министри, раководства на универзитети, академици, истражувачи, креатори на политики, претставници на индустријата, работодавачи, експерти и студенти.

Конципирана е како платформа за поврзување луѓе, идеи и институции кои ќе придонесат за обликување на следната фаза од реформата на високото образование во регионот.

Според најавата, учесниците ќе дискутираат за конкурентноста на универзитетите и нивната усогласеност со европските и глобалните стандарди, иновациите и дигиталните вештини, посебно во СТЕМ-областите, политиките за мобилност и создавањето услови младите да учат, истражуваат и работат во разни земји, а стекнатото знаење да се враќа назад во регионот, како и за јакнење на соработката насочена кон споделување најдобри практики и искуства.

-И покрај историските и институционалните разлики, шесте држави од Западен Балкан делат заеднички предизвици, вредности и стремежи. Низ дијалози и размена на идеи, регионот сака да покаже дека не е само пасивен учесник во европските процеси, туку и рамноправен партнер, кој со знаења, таленти и иновации може да ја збогати Европа, наведе МОН во најавата за конференцијата.

Можете да прочитате

ДУИ: Производството на термоелектраните за Јануари намален за цели 22.5%

Гаши: Уставот не смее да се отвора ад-хок, потребен е широк консензус

АВМУ: Функционерите да се однесуваат со почит кон новинарите