Утрински Весник
Македонија

Јанев со радикален потег во Куманово: Целосно сменета единицата за борба против дрога

814428287 2131246254425804 928658116130230620 n.jpg

Целата регионална полициска единица задолжена за борба против трговијата со дрога во рамки на СВР Куманово е распуштена, а сите нејзини членови се разрешени од досегашните позиции и распоредени на други работни места.

Одлуката следува по оценката дека резултатите во борбата против нелегалната трговија и дистрибуција на дрога и психотропни супстанции на подрачјето на Куманово, Кратово и Крива Паланка биле недоволни.


Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, денеска го посети СВР Куманово, каде што една од главните теми била токму работата на полицијата во борбата против дрогата.

Според МВР, поминале 11 недели од формирањето на Работниот тим за борба против дрогата, а анализата на досегашното работење покажала недоволни резултати.

Поради тоа, на предлог на Јанев, а со одобрение од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, била донесена одлука за распуштање на регионалната организациска единица во рамките на криминалистичката полиција при СВР Куманово задолжена за борба против трговијата со дрога.

Сите полициски службеници кои досега биле дел од единицата се разрешени од тие позиции и упатени на други работни места.

На нивно место е поставен целосно нов состав од полициски службеници, од кој раководството на БЈБ очекува конкретни резултати на терен.

Јанев испрати и остра порака дека нема да се толерира формално работење без конкретни резултати во борбата против криминалот.

„Во борбата против криминалот нема простор за работа само на хартија. Потребни се конкретни акции, откриени сторители, запленета дрога и разбиени криминални мрежи. Кога резултатите изостануваат, следува одговорност – без изговори и привилегии“, порача Јанев.

Директорот на БЈБ најави дека вакви чекори ќе следуваат и во други организациски единици доколку биде утврдено неработење или отсуство на резултати.

Од МВР посочуваат дека во фокусот на денешната посета на СВР Куманово била и пошироката безбедносна состојба на подрачјето на Куманово, Кратово и Крива Паланка.

Можете да прочитате

ЕУ забрзува со четири кандидати, Македонија ја нема на листата – Кос: Променете го Уставот

Странци ловат дивокози во Маврово и ја пијат крвта – „Еко-свест“ бара итен мораториум

По реакциите од ЕУ, ОБСЕ и Советот на Европа: Ново барање за разрешување на Китановиќ