Утрински Весник
Свет

„Американскиот дрон се урна сам“ – руското Министерство за одбрана се огласи по инцидентот над Црното Море

„Американскиот дрон се урна сам“ – руското Министерство за одбрана се огласи по инцидентот над Црното Море

Руски борбен авион се судри со американско разузнавачко и надзорно беспилотно летало над Црното Море, соопшти американската војска, пренесе Би-би-си. Според американските власти, инцидентот се случил во меѓународниот воздушен простор над меѓународните води.

dobivaj vesti na viber

Со коментар се огласи руското Министерство за одбрана, кое соопшти дека нивниот авион немал контакт со дронот и не користел оружје.

„Американскиот дрон MК-9 при остри маневрирања самиот падна во Црното Море“ соопшти Министерството за одбрана на Русија и додаде: утрото на 14 март во регионот на полуостровот Крим е забележано дека американско беспилотно летало се приближува до државната граница на Руската Федерација – тврди руското Министерство.

Како што се посочува, „американскиот дрон го нарушил подрачјето на воздушниот простор кој е затворен поради извршување на специјалната воена операција“. Тогаш, велат, биле подигнати руските борци.

„Како резултат на остри маневрирања, американскиот дрон изгубил контрола и висина и се судрил со водната површина“ тврдат во Министерството за одбрана.

Американскиот Стејт департмент претходно денес го повика рускиот амбасадор во Вашингтон, Анатолиј Антонов, во врска со инцидентот.

Координаторот за стратешки комуникации на Белата куќа Џон Кирби изјави дека САД ќе продолжат да летаат над Црното Море и покрај инцидентот.

„Летаме во овој воздушен простор веќе една година, ќе продолжиме да го правиме тоа и не ни треба одобрение од Русија за да летаме над меѓународните води. Ако целта им е да испратат порака дека сакаат да не спречат да летаме над Црното Море , тоа нема да се случи“, рече Кирби пред новинарите.

Воздухопловните сили на САД објавија соопштение во кое обвинија дека рускиот авион дека се однесувал на „непромислен, еколошки неправилен и непрофесионален начин“.

„Околу седум часот еден од руските авиони Су-27 го погоди пропелерот на МК-9, поради што американските сили мораа да го соборат МК-9 во меѓународни води. Неколку пати пред судирот, Су-27 фрли гориво и леташе пред МК-9 на непромислен, еколошки неправилен и непрофесионален начин. Овој инцидент, покрај тоа што е небезбеден и непрофесионален, покажува недостаток на компетентност“, се вели во соопштението на генералот на американските воздухопловни сили Џејмс Б. Хекер, командант на американските воздухопловни сили во Европа и Африка.

Руски и американски авиони летаа над Црното Море за време на војната, но ова е прва позната таква интеракција, која беше потенцијално опасна и можеше да ескалира во критичен момент од борбите, пишува Си-Ен-Ен.

Можете да прочитате

Русија и Јордан предупредуваат на опасност од регионална ескалација

Директните напади меѓу Иран и Израел завршија

Гутереш: Крајно време е да се запре опасниот циклус на одмазда на Блискиот Исток