
Турската групација „Казанџи Холдинг“ и официјално влезе на македонскиот пазар со регистрацијата на компанијата „Акса Енерџи Македонија“, која според досегашните најави треба да биде носител на еден од најголемите енергетски проекти во државата – целосна гасификација и изградба на секундарната дистрибутивна мрежа.
Регистрацијата на новата компанија се толкува како сигнал дека по долгогодишниот застој конечно би можело да дојде до забрзување на реализацијата на гасната инфраструктура. Ова доаѓа во период кога државата веќе има инвестирано стотици милиони евра во магистрални гасоводи, кои и натаму во голем дел остануваат недоволно искористени.
Енергетскиот сектор повеќе од една деценија се обидува да ја зголеми употребата на природниот гас како поеколошко и поефикасно енергетско решение. Но, изградбата на гасоводната и дистрибутивната мрежа се соочуваше со бројни доцнења, институционални промени и недоволна функционалност на веќе изградените капацитети.
Во последните години во фокусот повторно се најде проектот за гасификација преку потенцијално јавно-приватно партнерство со „Акса Енерџи“, која е дел од „Казанџи Холдинг“. Компанијата е активна во повеќе земји и располага со значително искуство во производството и дистрибуцијата на енергија.
Според најавите, соработката би опфатила изградба на дистрибутивна гасна мрежа, развој на топлификациски системи и изградба на когенеративни постројки – гасни електрани, со вкупна проценета вредност од над една милијарда евра.
Идејата за целосна гасификација на Македонија постои повеќе од една деценија, но досегашната реализација се одвиваше значително побавно од планираното. Ревизорските извештаи покажуваат дека дел од изградената инфраструктура сè уште не е целосно ставена во функција, а пристапот на домаќинствата до природен гас останува ограничен.
Пред една година Владата потпиша меморандум за соработка со „Казанџи Груп“, со кој беа поставени основите за изградба на гасни електрани и дистрибутивна гасна мрежа. Тогаш премиерот Христијан Мицкоски оцени дека проектот ќе отвори нови можности за индустријата, ќе создаде нови работни места и ќе придонесе за зајакнување на енергетската независност на државата.


