
Соопштение на ДОМ:
Вицепремиерот Александар Николоски најави дека Владата ги донела клучните одлуки за Националниот дата-центар, дека се подготвува урбанизацијата на локацијата и правната рамка, како и дека проектот треба да поттикне и приватни инвестиции во комерцијални дата-центри. Истовремено, тој ги повика компаниите да доставуваат бизнис-идеи до Владата за заедничка поддршка.
Ова отвора суштински прашања: Кои компании ќе добијат државна поддршка и под кои услови? Каде ќе се градат објектите и кој ќе ги процени нивните последици врз животната средина?
Најавата за Национален дата-центар не смее да се користи како параван зад кој, без јасни критериуми и јавен увид, ќе се отвора простор и ќе се делат повластици за комерцијални инвестиции. Националниот дата-центар и приватните комерцијални дата-центри не се ист тип инфраструктура и не смеат да се третираат како еден ист проект. За секој од нив мора однапред да бидат јасни целта, сопственоста, начинот на финансирање и јавниот интерес.
Особено загрижува тоа што веќе донесените законски измени во урбанистичкото планирање, како и најавената нова правна рамка, предвидуваат поедноставени и забрзани постапки за изградба на дата-центри и придружна енергетска инфраструктура. Кога процедурите за инвеститорите се скратуваат, неопходна е уште поголема транспарентност за влијанието врз просторот, оптоварувањето на електроенергетскиот систем и потрошувачката на водните ресурси.
Затоа, ДОМ бара Владата јавно и навремено да ги објави:
• Документите и критериумите врз основа на кои е избрана локацијата за Националниот дата-центар;
• Јасните правила и услови за доделување државна поддршка за приватните инвестиции;
• Стручните проценки за потребната електрична енергија, вода и влијанието врз животната средина.
Јавноста мора да има можност да се запознае со плановите и да учествува во одлучувањето пред да бидат донесени неповратни одлуки.
Дополнително, последниот Извештај на Европската комисија за 2026 година укажува дека капацитетите на Агенцијата за заштита на личните податоци се сериозно ограничени, со само седум вработени непосредно задолжени за спроведување на законот. Тоа е јасен сигнал дека институционалниот надзор мора да се зајакне паралелно со развојот на инфраструктурата за складирање и обработка на податоци.
ДОМ бара јасни правила, јавен увид и одговорност. Не смее Владата да биде ефикасна само кога треба да им ги отвори вратите на инвеститорите, а немоќна кога треба да го заштити јавниот интерес!



