Утрински Весник
Македонија

Продолжува разубавувањето на фасадите на јавните објекти во Делчево

Продолжува разубавувањето на фасадите на јавните објекти во Делчево

Делчево, 16 мај 2020 (МИА) – Мурал на кој стои грбот на големиот проект кој ќе обезбеди чиста вода за пиење во Делчево и државното знаме на донаторот – Швајцарската Конфедерација, заедно со македонското знаме, од денеска ја краси фасадата на најстарата станбена зграда во Делчево.
Муралот е дело на уметникот Пепи Атанасов, со кое, како што информираат од општината, продолжува разубавувањето на фасадите во централното градско подрачје.
– Последното прекрасно уметничко дело на нашиот сограѓанин Петар Атанасов е мурал кој е изработен во рамки на проектот „Водоснабдување на Делчево”, проект вреден 7,3 милиони швајцарски франци, од кои шест милиони се донација од Швајцарската конфедерација, додека приближно 1,3 милиони швајцарски франци се од Владата преку Министерството за животна средина и просторно планирање и Општина Делчево, информираат надлежните.
Од општината најавуваат дека во наредниот период ќе бидат опфатени и други јавни објекти, каде има потреба за обнова на фасадата.
– Претходно, уметникот Пепи Атанасов работеше на уредување на општинската зграда, комплексот „Делчевчанка“, екстериерот и ентериерот на општинските основни училишта, детската градинка „Весели цветови”, како и неколку колективни станбени живеалишта во централното градско подрачје, посочија од општината.
Минатата година, Општина Делчево му оддаде признание на делчевскиот уметник, кој со изложба по повод 75 години од Ослободувањето на Делчево, одбележа 20 години од своето творештво. вс/фф/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Возилото било кај зградата на Вања три дена пред грабнувањето, вели сведокот на денешното рочиште

Следните неколку денови стабилно, па повторно промена и дожд

Молика стара 250 години уништена од силен ветер