Утрински Весник
Македонија

Османи за МИА: Усогласување за преговарачката рамка и првата меѓувладина конференција за време на германското претседателство

Османи за МИА: Усогласување за преговарачката рамка и првата меѓувладина конференција за време на германското претседателство

Скопје, 9 мај 2020 (МИА) – Реални се очекувањата земјите – членки да постигнат усогласување за преговарачката рамка во втората половина од оваа година, доколку не дојде до некои посериозни нарушување на политичките процеси во ЕУ. Тука е секако клучно и претседавањето на Германија со Европската Унија во овој период, земја која е силен поддржувач, може да се рече и предводник на процесот на проширување, која сигурно нема да ја пропуштат можноста и ќе даде сè од себе за успех и одржување на првата меѓувладина конференција за време на нивното претседателство.

Ова го истакнува во интервју за МИА, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи по повод 9 Мај – Денот на Европа.

Во однос на изборите, кои, вели, по својата форма секако ги отежнуваат сите политички процеси, во оваа фаза на нашите европски интеграции, според него, тие немаат некое клучно влијание.

-Одржувањето на изборите сега е обременето со други предизвици, а тоа е како да се одржат избори без да се загрози личната и колективната безбедност, т.е. да се задржи здравјето на граѓаните. Тоа е секако приоритет, но и услов за изборите да бидат кредибилни, да може администрацијата и набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР да ги следат изборите, да можат слободно да работат и останатите домашни и странски набљудувачи итн. Доколку епидемиолошката и здравствената состојба не покаже пристојни услови за избори, ние не треба да инсистираме на избори по секоја цена, дециден е вицепремиерот Османи.

Следи интервјуто со вицепремиерот Османи во целост.

На Загребскиот онлајн самит иако фокусот беше првенствено на кризата со коронавирусот  и да се покаже солидарноста помеѓу двете страни во надминувањето на пандемијата и нејзините социоекономски последици, беше потврдена ЕУ-перспектива за земјите од Западен Балкан, а ЕУ најави и сериозен економски пакет од 3,3 милијарди евра за зазадравување на економииите. Сепак, претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен оцени дека пандемијата е огромен предизвик во однос на роковите за процесот на проширување. Можно ли е да дојде до одлагање, односно забавување на процесот на преговори поради ковид кризата?

Пандемијата КОВИД-19 пред сè претставува здравствена и економска закана, но справувањето со последиците од кризата ги отежнаа и останатите општествени и политички процеси. Точно е дека фокусот и на Европската Унија и на земјите – членки е сега насочен кон справувањето со последиците од кризата, и во овие отежнати услови, одлуките се носат потешко, се одложуваат итн.

Го спомнувате Загребскиот самит, кој првично требаше во економско финансиска смисла да има друга намена, на него да биде претставен новиот мини – маршалов план за економско зајакнување на Западниот Балкан и негово забрзано економско интегрирање во Европската Унија. Но заканата, последиците, особено социјално – економскиот импакт од пандемијата го презеде политичкиот фокус, па на крајот сепак добивме економски пакет кој е повеќе насочен во справување со кризата, а евентуалната нова економска стратегија и перспектива е одложена за наесен.

Од друга страна, буквално во најсилниот замав на коронавирусот на европското тло, кога Италија, Шпанија, па делумно и Франција беа во хистерична трка со вирусот, Унијата, земјите – членки на ЕУ, најдоа креативен начин, со видео конференција и размена на дигитални потписи да ја потврдат одлуката за почеток на преговори со Република Северна Македонија и Република Албанија. Тоа покажува дека Европската Унија, и земјите – членки не се откажуваат од Западниот Балкан, туку неговата интеграција сè уште останува приоритет на Унијата.

Европската комисија по донесувањето на одлуката за почеток на преговорите во март доби мандат да ја подготви преговарачката рамка, најави дека ќе ја претстви на почетокот на јуни, а вие веќе изјавивте дека очекувате официјалниот старт на преговорите со првата меѓувладина конференција да се случи за време на Германското претседателство во втората половина од годинава. Реални ли се ваквите очекувања ако се имаат предвид и изборите кои треба да се случат набрзо?

Очекувањата се реални, и доколку не дојде до некои посериозни нарушување на политичките процеси во ЕУ, тие е веројатно и да се реализираат. Ние нашиот дел од придонесот го испративме до Европската Комисија, и сега таа се очекува да излезе со редовниот годишен извештај за состојбите и напредокот на земјава во европските интеграции. Еврокомесарот Вархеји, но и останатата администрација на Директоратот за проширување, работат да ја подготват драфт верзијата на Преговарачката рамка, со која Европската Комисија потоа би излегла пред администрацијата на Европскиот совет, или телото КОЕЛА, работно тело во кое партиципираат сите земји – членки. Од тука почнува усогласувањето на преговарачката рамка со вклучување на земјите – членки кои имаат доволно време да постигнат усогласување во втората половина од оваа година. Тука е секако клучно и претседавањето на Германија со Европската Унија во овој период, земја која е силен поддржувач, може да се рече и предводник на процесот на проширување, кои сигурно нема да ја пропуштат можноста и ќе дадат сè од себе за успех и одржување на првата меѓувладина конференција за време на нивното претседателство.

Ги спомнавте и изборите, кои по својата форма секако ги отежнуваат сите политички процеси, но во оваа фаза на нашите европски интеграции тие немаат некое клучно влијание.

Бугарија на самитот на ЕУ во март, ја поддржа одлуката за почеток на преговори, но најави и дека ќе бара во преговарачката рамка да се внесат нејзините услови: Македонија да се откаже од малцинството, наместо македонски јазик да се користи терминот „службен јазик на Република Северна Македонија“, но и брзи резултати во делот на отворените историски прашања од страна на заедничката Комисија за историски прашања, Кои се инструментите кои ни стојат на располагање за да се избегне евентуална блокада на процесот на преговори?

Бугарија имаше издвоено мислење, кое не е став на Европската Унија, туку засебно мислење на една земја – членка. Тоа не ја отстранува нивната формална можност во секој дел и период од преговорите да ја употребат можноста за вето, но тие тоа можеа да го сторат и на Советот во март, кога се носеше одлука за почеток на преговорите.

Ние имаме договор со Бугарија, Договор за добрососедство, кој претставува рамка за решавање на овие спорови. Имаме формирани комисии кои некогаш работат со повеќе успех, некогаш со помалку. Тоа се напластени спорови, недоразбирања и клучот за нивното решавање е постојано да работите на креативни решенија кои ќе обезбедат соодветен компромис. Бугарија, како добар сосед, заедно со Грција, претставуваа најголемите лобисти и жестоко се бореа за да се оформи консензус во рамките на ЕУ за одлуката за почеток на преговорите, на неколкуте самити зад нас, кога одлуката се одложуваше. Не верувам дека сега сето тоа ќе го фрлат во вода и нема да се обидат, доколку постои волја и од наша страна, да се изнајде решение кое ќе биде пристоен компромис за двете страни. Тие јасно кажаа дека не ја спорат реалноста, но дека имаме сè уште отворени прашања за историјата, и сметам дека тие можат да се надминат.

Не очекуваат избори. Брисел внимателно ќе го следи и оценува изборниот процес. Можни ли се политички тензии или ќе надвладее одговорноста кај политичките фактори?

Одржувањето на изборите сега е обременето со други предизвици, а тоа е како да се одржат избори без да се загрози личната и колективната безбедност, т.е. да се задржи здравјето на граѓаните. Тоа е секако приоритет, но и услов за изборите да бидат кредибилни, да може администрацијата и набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР да ги следат изборите, да можат слободно да работат и останатите домашни и странски набљудувачи итн. Доколку епидемиолошката и здравствената состојба не покаже пристојни услови за избори, ние не треба да инсистираме на избори по секоја цена.

Во таа насока ќе биде и оценката не само од Брисел, туку и од останатите европски метрополи, од сите набљудувачки мисии итн. Ако вие обезбедите сигурност, безбедност и охрабрување за гласачите навистина да излезат на гласање, тогаш ќе имаме кредибилни избори на кои навистина ќе биде изразена волјата на граѓаните, и таа оценка ќе ја пренесат сите.

Оние пак застарени забелешки, дали изборите во одредени делови ќе бидат фер и слободни, дали секој слободно, тајно и без притисок ќе може да ја изрази волјата, мислам дека се далеку зад нас. Во неколку изборни циклуси ние го потврдивме нашиот демократски капацитет и политичка зрелост, и таквите забелешки верувам дека ќе останат историски факт од минатото.

Процесот на преговори се смета за една од најважните и најобемните административно – политички операции низ кој поминале сите земји – членки на Унијата. Како главен политички преговарач и шеф на државната делегација за преговори со ЕУ како ја оценувате подготвеноста на постојната преговарачка структура за старт на преговорите и кои ќе бидат главните предизвици за земјата?

Од аспект на преговарачката структура, ние веќе ги имаме формирано практично сите тела за политичко водење на процесот. Од Комитетот за преговори со кој претседава премиерот, па преку моето назначување за главен политички преговарач, а дефинирани се и рамките во кои треба да се формираат и телата како што е Секретаријатот за преговарачката структура, работната група за преговори, која ќе ја предводи Главниот технички преговарач итн.

Уште повеќе, во рамките на процесот на Стабилизација и асоцијација, ние и досега имавме работни групи низ институциите кои работеа на усогласување на европското законодавство и транспонирање на европските директиви, па тие полесно ќе се адаптираат на процесот на преговори. Сепак, и покрај долгогодишните подготовки, долгиот процес во чекалната имаше влијание и врз расејување на кадарот, напуштање на одредени работни позиции, некои и поради најобичната биолошка причина – бидејќи се пензионирани, некои затоа што ги напуштиле тие работни места итн.

Но ние се подготвуваме со сиот ентузијазам, последниве неколку години имавме и сериозна размена на исуства и знаење од последните земји – членки кои ги започнаа преговорите, Србија и Црна гора, имавме размена на искуства и со Словенија и Хрватска, а воспоствен е механизам за поддршка и со Грција. Очекувам дека со ентузијазмот кој владее кај нас за преговорите со ЕУ, дека ќе бидеме одлично подготвени за самиот старт на преговорите.

 Дали новоусвоената методологија на преговори ќе го усложни и онака компликуваниот процес и дали ќе наметне промени во преговарачката структура?

Точно е, постои и предизвикот за адаптација на Преговарачката структура согласно новата методологија. И не само на преговарачката структура, туку и самиот процес на преговори станува потемелен, со далеку посилен надѕор и следење на имплементацијата, трак-рекорд и опипливи резултати од самите преговори во функционирањето на правниот, општествениот, демократскиот систем. Нема да има можност за штиклирање на обврски по поглавја, без притоа да се забележи соодветен напредок по целите кластери, промени кои ќе значат подобрување на стандардите на условите итн.

Како што еднаш реков, тоа е одлична вест за граѓаните, затоа што тие ќе добијат преговори кои ќе вродат со опипливи резултати за нив уште за време на самите преговори, и не толку одлична вест за политичарите, кои сето тоа ќе мора да го испорачаат.

Го одбележуваме 9 Мај – Денот на Европа кога се удрени темелите на она што денес е ЕУ. Годинава Унијата ќе го одбележи соочена со мултидимензионални предизвици како спрвување со корона кризата и нејзините последици по економијата, Брегзит, миграциската криза, одбранбениот систем на ЕУ и зајакнувањето на Унијата. Македонија, пак, после 15 години конечно доби одлука за почетокот на преговорите и е пред формално отворање на процесот. Какви се проекциите за полноправно членство во ЕУ?

Овој пат, Република Северна Македонија за прв пат го одбележува Денот на Европа како земја – преговарач, со веќе донесена одлука за почеток на преговорите, а не како земја – кандидат, каде бевме изминативе 15 години. Поради пандемијата ние немавме можност тоа да го одбележиме како што заслужува, но одлуката од март за почеток на преговорите претставува историска одлука кога реално се смени историјата на земјава. Заедно со членството во НАТО, веќе никој нема, ниту кога било во иднина ќе има дилема каде припаѓа и кон каде се движи Република Северна Македонија. Ние сме европска земја, веќе членка на евроатлантската алијанса, земја – преговарач која на крајот од овој процес ќе стане полноправна членка на Европската Унија. Тоа може да трае помалку или повеќе, но веќе од овој процес враќање назад нема, а тоа е историска пресвртница за земјава и за нас кои припаѓаме на сегашната генарација, тоа е историска амбиција остварување на сонот на минатите генерации, но и најважно, тоа е вистинска придобивка за идните генерации кои допрва доаѓаат.

Виолета Геров

фото Дарко Попов

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Таравари: Албанците никогаш не биле во полоша состојба отколку под водство на оваа влада

Владата ја усвои новата стратегија за конфискација на незаконски стекнат имот

Давкова на средба со претставници на Македонците во Албанија: Обврзани сме да помагаме во решавање на проблемите