Утрински Весник
Свет

Во Финска почнуваат артилериски вежби на трупи од 10 земји во близина на руската граница

20260502140130 big 730x400 92.webp.webp

Во Финска денеска почнуваат артилериските вежби „Северен удар 26“, недалеку од границата со Русија. Во рамките на оваа вежба, како и на повеќе маневри кои ќе се одржуваат до крајот на мај, сојузничките трупи од десет различни земји ќе вежбаат одбрана на Финска под команда на финската војска.

Маневрите кои започнуваат денеска се одржуваат на полигонот „Вуосанка“ во општината Кухмо, која се наоѓа на околу 70 километри од руската граница, и ќе траат до 12 мај.


Според податоците на финските копнени сили, за време на вежбите ќе се увежбуваат артилериски и минофрлачки гаѓања, како и тактички борбени гаѓања.

Неколкуте вежби кои се изведуваат истовремено имаат за цел зајакнување на одбранбените способности на војската ширум Финска, знаењата на регрутите и заедничкото дејствување со сојузниците. Во текот на пролетта, на вежбите ќе учествуваат вкупно околу 19.000 сојузнички војници од Финска, Естонија, Литванија, Норвешка, Франција, Обединетото Кралство, Соединетите Американски Држави, Италија, Унгарија и Полска, се наведува во соопштението.

Овогодишните пролетни вежби почнаа со механизираната вежба на војската „Моќна стрела 26“, предводена од Оклопната бригада на полигонот и тренинг центарот Похјанкангас во Нинисало од 24 април до 5 мај. На вежбата учествуваат приближно 2.800 војници, главно регрути, и околу 350 меѓународни војници, со речиси 500 возила, вклучувајќи приближно 160 тенкови и оклопни возила. Покрај финските трупи, на вежбата ќе учествува и сојузнички контингент од Естонија и Литванија, а оваа година, покрај потешката опрема, во вежбата се вклучени неколку различни типови дронови кои ги користат националните и сојузничките трупи.

Меѓународната вежба за противвоздушна одбрана „Малет Страјк 1/26“ ќе се одржи на полигонот и тренинг центарот Лохтаја од 12 до 21 мај. На вежбата ќе учествуваат единици на финската војска, морнарица и воздухопловство, а ова ќе биде најважната вежба за единиците на противвоздушната одбрана на копно. Целта на вежбата е унапредување на заедничкото делување со сојузниците, а ќе бидат вклучени и меѓународни трупи од Норвешка. Бројот на учесници на вежбата ќе изнесува приближно 1.900 луѓе, наведуваат, меѓу другото, Одбранбените сили на Финска во своето соопштение.

Можете да прочитате

Арагчи: Вооружените сили на Иран се подготвени за одбрана, Техеран отворен за дипломатија

Трамп вели дека морнарицата на САД дејствува „како пирати“

Двајца убиени, неколку повредени во руското гранатирање на Херсон