Утрински Весник
Македонија

Во Берово и Пехчево мрежно ќе се мапират велосипедски патеки за поголем развој на планинарско-рекреативен туризам

Во Берово и Пехчево мрежно ќе се мапират велосипедски патеки за поголем развој на планинарско-рекреативен туризам

Берово, 8 мај 2020 (МИА) – Во Берово се одржа првиот состанок за спроведување на проектната активност за мапирање на потенцијалот на планинарските патеки и нивно ставање во функција на мрежно поврзан систем за планински рекреативен туризам на Малешевските Планини.
Проектот, како што информираа учесниците е дел од регионалното управување со шумите и потенцирање на другите функции на шумата, при што главни партнери во спроведување на оваа активност се општините Берово и Пехчево, заедно со локалните подружници на Јавното преттпријатие „Национални шуми“.
-Проектот има за цел воспоставување на унифициран систем на мапирани, обележани, атрактивни, пристапни и функционални пешачки, велосипедски и друг вид на туристички патеки на Малешевските Планини. На првиот состанокот одржан како дел од проектот беа презентирани главните активности и очекувани резултати, кои треба да се реализираат до крајот на годината, со партиципативен пристап и активна вклученост на сите локални заинтересирани страни, информираа учесниците во проектот од двете општини.
Според нив во рамки на активностите предвидено е да се мапира мрежа на пешачки, велосипедски и друг вид на туристички патеки, со вкупна должина од 80 километри со развој на минимум осум радијални и две трансверзални патеки.
-Патеките ќе бидат со комплетна унифицирана сигнализација, развој на бренд, изработка на студија за развој на активен туризам, изработка и печатење на туристичка топографска мапа и водич, како и андроид мобилна апликација. Воедно ќе бидат организирани промотивни настани за домашни и странски тур оператори, додадоа координаторите во проектот.
Проекот „Мапирање на потенцијалот на патеки на планина и ставање во функција на мрежно поврзан систем на патеки за планински рекреативен туризам на Малешевските Планини (Берово и Пехчево)“, се спроведува во рамки на Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија-фаза 2 и е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), коодриниран од Фармахем. вс/нд/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Нема место за паника – најавена почесна артилериска стрелба во Скопје по повод Денот на Армијата

МВР не дозволи учество на „Маршот за ангелите“ на луѓе од други градови

На „Табановце“ се чека околу 40 минути за излез од државата