Утрински Весник
Македонија

МОН: Дипломите ќе имаат важност како државна матура и ќе важат и во странство

83566972 550762562181514 7439855625598664704 N E1579545370507

Пред само неколку дена, министерот за образование Арбер Адеми ги соопшти новите сет образовни мерки за непречено функционирање на воспитно-образовниот систем, меѓу кои и онаа со која се укинува државната матура. Ова ја отвори дилемата, што е со студентите кои сакаат да се запишат на факултети за кои услов за упис е положена државна матура.

Од Министерството за образование и наука посочуваат дека дипломите за завршено средно образование за учениците кои пријавиле да полагаат училишна матура, државна матура или завршен испит во оваа учебна 2019/2020 година ќе имаат идентична важност како и дипломите издадени во изминатите години и тоа ќе биде наведено во истите, без разлика што оваа година полагањето на крајниот испит нема да се реализира.

„Учениците кои оваа година се пријавиле, а нема да полагаат државна матура, не треба да имаат грижа дека ќе бидат во подредена ситуација доколку одлучат да студираат во странство во однос на студентите од други земји“ – изјавија за „Мета.мк“ од Министерството за образование и наука.

Оттаму велат дека сите високо образовни установи како во нашата земја, така и во глобални размери, веќе ги прилагодуваат уписните критериуми и услови согласно настанатата ситуација.

По однос на ова прашање, професорот Кирил Барбареев на Факултетот за образовни науки во Штип, вели дека постојат многу прашања кои се комплекси и бараат интердисциплинарен пристап во нивното решавање. Тој смета дека е потребно формирање на академско координативно тело кое врз основа на информациите и состојбите на глобално ниво ќе треба да сугерира стручни одлуки, како во педагошкиот така и во административниот дел.

„Тоа тело ќе треба да создаде услови за реализација и дефинирање процедури за тоа како да се заврши академската година; Како со уписите 2020/21? Како да се гарантира безбедноста на личните податоци? Какви се реалните услови на секој факултет, универзитет? Како ќе се заклучи и оцени праксата? Дали постои потреба од законски измени на задолжителните компоненти на студиската програма (настава, оценување, пракса…), заради слични ситуации и после септември? Што со матурата?“, посочува за „Мета.мк“, професорот Барбареев.

Сепак, информацијата дека се укинува државната матура не значи запирање на образовниот процес. Наставата и оценувањето и понатаму продолжуваат со одвивање преку електронски пат, што остава простор за сомнеж во однос на објективните резултати.

Од МОН за Мета велат дека сите високо образовни установи, како и училиштата имаат обврска да организираат далечинско учење на начин кој е прифатлив и за професорите и за студентите. Додека, полагањето може да се организира далечински, или пак, на студентите да им се пролонгираат роковите за полагање колоквиуми и испити во самите факултети, кога за тоа ќе се создадат соодветни услови.

„Далечинското учење не е нешто непознато за нашите универзитети и студенти, имајќи предвид дека дигитализацијата е една од основите на Болоњскиот процес и во нашата земја е одамна започната и се организираат онлајн предавања, семинари, полагања и слично. Така што, професорите знаат и имаат начин како да го проверат знаењето на студентите и објективно да ги оценат“ – изјавија од ресорното министерство.

Но, од Универзитетското студентско собрание се со став дека не треба да се избрзува со онлајн испитната сесија бидејќи истата нема да ги исполни стандардите.

„Сè уште имаме неизвесност за начинот на кој ќе се спроведат испитите и сè е во експериментална фаза која не гарантира успех. Факултетите немаат искуство во реализирање на онлајн испитни сесии и поради тоа мораат да бидат претпазливи“, изјави за „Мета.мк“ претседателот на Универзитетското студентско собрание (УСС), Борјан Ефтимов.

Професорот Барбареев издвојува неколку клучни елементи кои „ќе останат“ по пандемијата. Тој смета дека по пандемијата ќе се намали интересот за студирање во странство, а целата скепса која постоеше за онлајн учењето повеќе нема да се негира.

„На глобално и локално ниво високото образование ќе стане пофлексибилно за роковите за аплицирање, студирање, оценување. Сѐ помалку ќе се троши за несуштински патувања, ќе се зголемат онлајн конференциите. Конечно, повеќе ќе се студира во најблиската локална средина, што е момент за пресвртница на македонското образование и сериозно вложување во него, бидејќи Македонија нема друга надеж без квалитетно образование“ – заклучува професорот.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Филипче: Платите на лекарите мора да растат

Филипче по средбата со Давкова: Укажав дека партизацијата на безбедносните служби мора да запре

Заменик министерот Исени на 115 сесија на Советот на Меѓународната организација за миграции во Женева