Скопје, 18 април 2020 (МИА) – Празникот на Христовото воскресение не потсетува да размислуваме за своите постапки и да се стремиме кон добродетелен живот и кон љубовта, која е најголема сила. Но таа е силна само тогаш кога е во заедништво со Христа и со Неговата неизмерна љубов, кога станува наше сведоштво и наш начин на живеење, истакнува во Велигденското обраќање Архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан.
Г.Г Стефан посочува дека поминуваме низ еден период кој од нас бара трпение, послушност и воздржување и оти појавата на заразната болест Ковид-19, нè натера да внимаваме и на нашето и на здравјето на нашите ближни.
– На нашите верници, и овде во Македонија и насекаде низ светот, им советуваме да истраат и да не се вознемируваат затоа што не можат да присуствуваат бројно на светите богослужби во храмовите, и им препорачуваме да се молат во своите домови и срца, за Бог да нѐ избави од опасната болест. Да се молиме и за медицинските лица, полицијата и војската кои напорно се грижат за заболените и за редот во државата. Да се молиме за заболените да оздрават, како и за спасение на душите на оние кои не ја добија битката со болеста, истакнува меѓудругото г.г. Стефан во Велигденското обраќање.
Во продолжение го објавуваме во целост Велигденското обраќање на Архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан:
„Возљубени празникољупци,
Велигден, денот на Христовото Воскресение, е празник на победата и празник на животот – и тоа вечниот живот, празник кој ни донесе радување, коешто никој не може да ни го одземе. На Велигден ја исповедаме тајната на Победителот – на Христа, Кој, преку Своето славно воскресение од мртвите, ја победи смртта и смртното го облече во бесмртно.
Радувајќи се на Празникот над празниците, повикани сме секогаш и пред секого да Го исповедаме Христа распнатиот, воскреснатиот и прославениот. Како вистински христољупци, должни сме да ја благовестиме победата над смртта, над гревот и омразата, над неправдата и страдањата, и да придонесуваме да завладеат праведноста, мирот и радоста во Светиот Дух.
Празникот на Христовото воскресение нè потсетува да размислуваме за своите постапки и да се стремиме кон добродетелен живот и кон љубовта, која е најголема сила. Но таа е силна само тогаш кога е во заедништво со Христа и со Неговата неизмерна љубов, кога станува наше сведоштво и наш начин на живеење.
Возљубени чеда на мајката Македонска Црква,
Поминуваме низ еден период кој од нас бара трпение, послушност и воздржување. Појавата на заразната болест, нè натера да внимаваме и на нашето и на здравјето на нашите ближни.
На нашите верници, и овде во Македонија и насекаде низ светот, им советуваме да истраат и да не се вознемируваат затоа што не можат да присуствуваат бројно на светите богослужби во храмовите, и им препорачуваме да се молат во своите домови и срца, за Бог да нѐ избави од опасната болест. Да се молиме и за медицинските лица, полицијата и војската кои напорно се грижат за заболените и за редот во државата. Да се молиме за заболените да оздрават, како и за спасение на душите на оние кои не ја добија битката со болеста. Црквата секогаш се моли за сите и за сè. Да се молиме на Бога, зашто само Бог ни е прибежиште и сила, и докажан помошник во неволја. Воскреснатиот Господ е нашата надеж, па затоа да ја споделиме со сите радоста на Воскресението на вечниот Лечител, и никогаш да не заборавиме на тоа дека колку сме поблиски до Бога, толку и Бог ќе биде близу до нас!
Христос воскресе!“
Јавниот радиодифузен сервис МТВ ќе врши директен пренос од Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ на полноќното објавување на Христовото воскресение и Велигденската литургија во недела, со која ќе началствува Неговото блаженство, Архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан. ев/