Утрински Весник
Скопје

„Призма“: Коњи шетаат низ Скопје, институциите чекаат инцидент

Koni shetaat niz skopje 1024x512 1.jpg

Несекојдневна сцена за време на Скопскиот маратон го привлече вниманието на јавноста, откако кобила се породи сред улица во скопската општина Карпош. Фотографијата од животното и новороденото ждребе брзо се прошири на социјалните мрежи, отворајќи го повторно прашањето за неконтролираното движење на коњи и друг добиток низ урбаните средини, пишува „Призма“.

Иако присуството на коњи по скопските улици, паркови и тротоари одамна не е реткост, породувањето на кобила сред сообраќајница ја покажа сериозноста на проблемот, како од аспект на безбедноста на граѓаните, така и од аспект на заштитата на животните.


За да бидат отстранети кобилата и новороденото ждребе од сообраќајницата, морале да интервенираат повеќе институции.

Жителите на Карпош подолго време алармираат дека коњи слободно се движат низ населбите, пасат по зелените површини и се појавуваат на улиците, создавајќи ризик за возачите, пешаците и самите животни.

Проблемот не е ограничен само на оваа скопска општина. Запрежни коли и коњи редовно можат да се забележат и на сообраќајниците во други делови од главниот град, но и во повеќе градови низ Македонија.

Освен што можат да предизвикаат сообраќајни незгоди, животните често ги оштетуваат јавните зелени површини и жардиниерите, додека нивното неконтролирано движење во близина на луѓе може да претставува дополнителна опасност.

Од друга страна, ваквите услови се штетни и за самите животни. Движењето меѓу автомобили, пасењето на јавни површини и изложеноста на сообраќајни ризици отвораат сериозни прашања за нивната благосостојба и за одговорноста на сопствениците.

Случајот со кобилата што се породи на улица во Карпош повторно го актуализира прашањето кој е надлежен да го контролира движењето на добитокот во урбаните средини и зошто проблемот со години останува присутен.

Иако за постапување се надлежни повеќе институции, коњите и понатаму се секојдневна глетка на јавните површини, а последниот случај покажува дека последиците од недоволната грижа можат да бидат сериозни и за граѓаните и за животните.

Целата сторија на „Призма“ е достапна на следниот линк.

Можете да прочитате

Герасимовски: Редовна есенска дератизација во Центар, опфатени 2.000 шахти

Денес имавме среќа, но што ако утре некое дете го нема? – три кучиња нападнале мајка и 7-годишна ќерка во Скопје

Во Скопје одбележан Светскиот ден на поправки под мотото „Поправките ги поврзуваат луѓето“