Куманово, 9 април 2020 (МИА) – Општинскиот штаб за заштита и спасување од Куманово, бара од здравствените институции времено затварање на Гинеколошко-акушерското одделение во болницата во Куманово, информираа денеска од Штабот.
– Барање до Министерство за здравство и Комисија за заразни болести времено да се затвори Гинеколошко-акушерско одделение во Општа болница Куманово, поради новонастанатата состојба со зголемен број на здравствени работници кои се позитивни на тестовите за Ковид-19 и воедно да се изврши итна контрола на останатите болнички капацитети во Општа болница – Куманово, да се направи проценка за ризикот и да се овозможи непречена функционалност на останатите оддели во Болницата, како и да се обезбеди дополнителен капацитет на стручни лица во ЦЈЗ – Куманово- се наведува во соопштението.
Од Штабот денеска побараа од Министерството за здравство, Комисијата за заразни болести и Институтот за јавно здравје Скопје, да дадат приоритет на тестовите од земените брисеви на територијата на Куманово за здравствените работници, навремено информирање на Центарот за јавно здравје Куманово за позитивните и негативните резултати од тестовите, како што наведуваат во соопштението, поради фактот дека за поголемиот број брисеви коишто се испратени за анализа, не се добиваат резултати навремено, со што сметаат од штабот, се креира нереална епидемиолошка слика во Општина Куманово.
Од Штабот апелираа до граѓаните да ги почитуваат мерките и полицискиот час и без итна потреба да не излегуваат за време на полицискиот час. Доколку, граѓаните имаат потреба од лекови треба да се снабдат пред започнување на полицискиот час, освен во итни случаи. Исто така од штабот апелираа до граѓаните да не ја злоупотребуваат мерката за извршување на земјоделски работи. ам/оџ/