Утрински Весник
Македонија

Ефтимов: Факултетите на УКИМ со поделени мислења за онлајн полагање на испитите

Ефтимов: Факултетите на УКИМ со поделени мислења за онлајн полагање на испитите

Скопје, 9 април 2020 (МИА) – Онлајн-настава на 23-те факултети на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје се реализира делумно или целосно. За професори кои не држат онлајн-предавања има и алатка за пријавување, а студентите кои имаат предлози како електронската настава да се унапреди, може да ги контактираат факултетските студентски собранија.

Претседателот на Универзитетското студентско собрание на  Скопскиот универзитет (УСС-УКИМ) Борјан Ефтимов во интервју за МИА вели дека факултетите на УКИМ, како и нивните студентски собранија, се поделени во ставовите дали испитите треба да се полагаат онлајн. Лично смета дека електронското полагање ќе доведе до манипулации и ќе го деградира квалитетот на високото образование.

-Мора да избереме дали сакаме ефикасност и побрзо „чистење на испитите“ преку онлајн-полагање или квалитет и релевантни испити кога ќе се создадат услови за физичко присуство на полагањата, вели претседателот на студентите на најстариот и најголем универзитет во земјава со околу 30 000 студенти на 23-те факултети.

Ефтимов е четврта година на Правниот факултет (прва на мастер-студии – деловно право), а претседател на Универзитетското студентско собрание е од февруари годинава. Во интервјуто за МИА тој истакна и дека студентите треба да ја прифатат реалноста и да се придржуваат на мерките за побрзо да се надмине пандемијата, особено препораката за социјално дистанцирање, порачувајќи им: „Студентскиот живот нема да ни избега“.

Дали на сите факултети на Скопскиот универзитет има онлајн-настава? Конкретно на Правниот, каде што студирате, се спроведува ли по сите предмети?

Според податоците со кои располага УСС-УКИМ, онлајн-настава делумно или целосно се одвива на сите 23 факултети на УКИМ. На поголем број факултети наставата во целост се одвива онлајн, додека, пак, на помал број факултети имаме предмети и професори кои не држат онлајн-предавања.

За да се зголеми процентот на професори кои држат онлајн-предавања, УСС-УКИМ отпочна процес на набљудување на онлајн-наставата, на тој начин што студентите можат на страниците на нашите социјалните медиуми, преку алактката google forms, да пријават професори кои не одржуваат онлајн-предавања по своите предмети, по што УСС-УКИМ ќе почне постапка со цел започнување на таквите предавања и по конкретниот предмет за кој студентите се пожалиле дека немаат онлајн-настава. На Правниот факултет сите професори спроведуваат онлајн-настава по своите предмети.

Имаат ли студентите одредени барања – поплаки за организирањето на е-наставата или сугестии таа да се подобри? Какви алатки за настава и за комуникација со професорите се користат? 

– Се разбира дека има и поплаки. Универзитетот и факултетите запливаа во непознати води со спроведувањето на далечинското учење, па така нормално е на почетокот да има недостатоци кои со текот на времето ќе се надминуваат. Со оглед на тоа што ние сме генерација која е израсната со технологија, студентите имаат голем придонес во воведувањето и унапредувањето на онлајн-наставата.

Факултетските студентски собранија, како и Универзитетското студентско собрание, уште од првиот ден на кризата започнаа да бараат и да истражуваат кои се можните решенија за реализирање на онлајн-наставата, но не само тоа, туку и на голем дел факултети, токму факултетските студентски собранија се тие кои директно се вклучија во процесот и овозможија побрза реализација на онлајн-наставата.

Сите студенти на следнава форма можат да пријават неодржување онлајн-настава https://forms.gle/mkm1C69iVAYkWVX59 , а доколку имаат сугестии за нејзино унапредување, можат да ги контактираат студентските собранија на нивните факултети.

Покрај преку мејл, професорите користат платформи како Microsoft teams, zoom.us, big blue button, google hangouts и слични платформи кои овозможуваат двонасочна комуникација меѓу професорот и студентите.

Се разгледуваат ли начини за полагање на испитите, сметате ли дека тука ќе има проблеми? 

– Во однос на испитите, мислењето е поделено. Некои факултети (ФЕИТ, ПМФ, Медицина, Фармација, Филозофски итн) одлучија да не организираат онлајн-полагања, сметајќи дека тоа ќе придонесе за намалување на квалитетот, додека, пак, други факултети (ФИНКИ, Шумарски, Правен и др.) сметаат дека во зависност од предметите, за некои постојат услови за онлајн-полагање.

Ставот е поделен и кај факултетските студентски собранија, иако поголем дел сметаат дека не треба да имаме онлајн-полагање, бидејќи тоа ќе доведе до намалување на квалитетот, манипулации со испитите и поделба на студентите – на студенти кои имаат и студенти кои немаат финансиски услови за да си овозможат уреди преку кои ќе ги полагаат испитите. Затоа што сите студенти немаат лаптопи со камери и микрофони, брза интернет-конекција, што е неопходно за устен испит, а тоа е наведено и во уредбата. Од друга страна, кај некои факултетски студентски собранија постои став дека одредени предмети, или, пак, сите предмети, можат да се полагаат онлајн.

Јас сметам дека онлајн-полагањето неизбежно ќе доведе до деградација на квалитетот во високото образование бидејќи наставните кадри ќе немаат апсолутно никаква контрола врз условите во кои се полага испитот, па така ќе имаме огромен простор за манипулации и препишување.

Мора да избереме дали сакаме ефикасност и побрзо „чистење на испитите“ преку онлајн-полагање, или квалитет и релевантни испити кога ќе се создадат услови за физичко присуство на полагањата.

Повеќето студенти од други градови поради пандемијата се вратени дома, го нема студентскиот живот кој е составен и значаен дел од студирањето? Како вие, студентите, живеете во овие околности, колку сево ова ве погаѓа со оглед дека сте  најактивната популација?

– Сите, па вклучително и студентите, сме погодени од кризата. Сепак, мора да разбереме дека социјалното дистанцирање е неопходно доколку сакаме да ја надминеме оваа пандемија. Начинот на којшто ќе се справиме со пандемијата не само што ќе влијае на нашата моментална ситуација, туку ќе ја дефинира и нашата иднина.

Во овој момент мора да ја прифатиме реалноста и да ги следиме препораките, а „студентскиот живот“ нема да ни избега. Колку подисциплинирано ги следиме препораките, толку побрзо ќе ја надминеме кризата, а со тоа и ќе се врати студентскиот живот.

Хатка Смаиловиќ

 

 

 

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Филипче: Платите на лекарите мора да растат

Филипче по средбата со Давкова: Укажав дека партизацијата на безбедносните служби мора да запре

Заменик министерот Исени на 115 сесија на Советот на Меѓународната организација за миграции во Женева