Утрински Весник
Македонија

Банките апелираат граѓаните да го користат електронското и мобилно банкарство и да не прават гужви

Банките апелираат граѓаните да го користат електронското и мобилно банкарство и да не прават гужви

Од Македонската банкарска асоцијација апелираат до граѓаните да ги посетуваат филијалите и експозитурите на банките само доколку тоа е неопходно, а во сите други случаи да се настојува да се користат услугите на електронското и на мобилното банкарство, коешто е бесплатно и деноноќно достапно.

„Преку овие услуги може да се вршат трансакции и за плаќање на сметки – услуга за којашто повеќе граѓани сѐ уште ги посетуваат филијалите и експозитурите“, се наведува во соопштението на Македонската банкарска асоцијација.

При неопходна посета на банките, од асоцијацијата апелираат граѓаните да ги почитуваат насоките за соодветна раздалеченост и препораките за самозаштита. Воедно, треба да се почитуваат насоките дадени со цел преку чекањето пред филијалите и експозитурите кога тоа е неопходно да не се загрози здравјето.

Од Македонската банкарска асоцијација повторуваат дека во период на епидемија на корона вирусот треба да се избегнува користењето готовина и при плаќања секаде каде што е можно да се користат платежни картички од страна на граѓаните.

Поради гужвите пред филијалите и експозитурите за исплата на пензиите и социјалната помош, банките поставија ознаки за соодветна раздалеченост меѓу граѓаните кои чекаат на ред и воведоа редарски служби каде што е потребно, а се издаваат и броеви за чекање во ред. Во текот на вчерашниот ден, пред некои филијали и експозитури мораше да се вклучи и полицијата во организирање на редовите за чекање.

„Во моментов се разгледуваат повеќе опции за соодветно натамошно организирање на работата, особено при следните исплати на пензии и на социјална помош кога бројот на клиенти коишто ги посетуваат банките е поголем“, посочуваат од банкарската асоцијација.

Тие препорачуваат граѓаните да ги следат сите идни информации од банките за реорганизацијата и промените во работното време, начинот на користење на филијалите и експозитурите, како и за режимот на работа при исплатата на пензиите и социјалната помош.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме

На „Блаце“ и „Табановце“ се чека од 30 минути до 60 минути