
Министерот за здравство Сашо Клековски денеска учествуваше на Денот на здравјето на конференцијата на Обединетите нации за климатски промени COP31 во Анталија, Турција. Таму се обрати на два настана на високо ниво.
На Министерската тркалезна маса, која ја копретседаваа министерот за здравство на Турција, Кемал Мемишоглу и претседателот на COP31, Мурат Курум, со учество на генералниот директор на Светската здравствена организација, д-р Тедрос Аданом Гебрејесус, клучни обраќања имаа министерот за здравство на Бразил, Александре Падиља и Австралија.
На тркалезната маса Министерот Клековски истакна три приоритети: вклучување на здравјето во климатските политики; инвестиции во здравствени системи отпорни на климатските промени; полесен пристап до финансирање и посилна меѓународна соработка.
-Климатските промени повеќе не се само еколошки предизвик, туку растечка закана за јавното здравје. Оваа година во Македонија тоа го почувствувавме директно: западнонилската треска предизвика повеќе случаи отколку во претходните петнаесет години заедно. Стратегиите сами по себе не ги штитат луѓето. Ги штити нивното спроведување, изјави министерот.
На панелот на високо ниво „Хуманитарна помош и здравје: интеграција во управувањето со кризи” министерот Клековски ги претстави искуствата на Македонија.
Панелот го организираа Министерството за здравство на Република Турција и Регионалната канцеларија на СЗО за Европа. Министерот зборуваше за зајакнување на подготвеноста на здравствениот систем преку националниот акциски план за здравствена безбедност 2024–2030 и Акцискиот план за заштита од топлотни бранови 2025–2030.
-Националната подготвеност сама по себе не е доволна кога кризите ги надминуваат капацитетите на една држава. Меѓународната помош мора да биде навремена, заснована на реалните потреби и координирана со националните институции, за да ги надополнува, а не да ги заменува домашните капацитети, порача министерот Клековски. Тој ја поздрави анталиската иницијатива за здравствена отпорност.
Подоцна во текот на денот министерот Клековски ќе учествува и на панелот „Големи лекции од малите нации: здравствено лидерство во клима што се менува”, во организација на Светската здравствена организација. Панелот го модерира, Катрин Јакобсдотир, поранешна премиерка на Исланд и претседателка на паневропската комисија за клима и здравје. Таму министерот ќе го претстави искуството на Македонија со спроведувањето на Акцискиот план за заштита од топлотни бранови.



