8 април 2020
Форин полиси, Вашингтон
Во септември минатата година се сретнав со потпретседателот за ризици на една од 100-тер најдобри компании во Вашингтон, кој пред тоа имал долга кариера како разузнавачки аналитичар и го прашав што најмногу го загрижува. Без размислување ми одговор: „Многу заразен вирус што ќе почне негде во Кина и брзо ќе се прошири“. Потпретседателот, чија компанија има канцеларии во југоисточна Азија, потоа објасни за превентивните чекори за ублажување, што компанијата ги презема за да се справи со потенцијалната закана, ја почнува Мича Зенко својата анализа во весникот „Надворешна политика“ (foreignpolicy.com)
Откако новиот коронавирус се прошири низ светот, Зенко често размислувал за оваа прогностичка пресметка на ризик. Многу лидери немаат дисциплина за рутинско скенирање на хоризонтот на ризикот, а уште помалку да ги развиваат неопходните планови за вонредни ситуации. Ретки се лидерите кои имаат способност да предвидат и исправно да ја идентификуваат најголемата закана доволно рано за да ги развијат и применат тие планови.
Доволно е да се каже дека администрацијата на Трамп беше кумулативно неуспешна, како во сериозното сфаќање на специфичните и повторените предупредувања на разузнавачката заедница за епидемијата на коронавирус, така и во енергичната потрага по национална иницијатива за пропорционална закана. Само федералната влада има ресурси и овластувања да ги води релевантните јавни и приватни фактори во борбата со предвидливата штета што може да ја предизвика вирусот. Претставниците на Трамп низ погрешни пресуди (минимизирање на опасноста од Ковид-19) и одлуки (одбивање да дејствуваат навремено) непотребно ја нарушија сигурноста на Американците, истакна Зенко.
Катастрофално стратешко изненадување
Накратко, администрацијата на Трамп дозволи катастрофално стратешко изненадување на американскиот народ. Но за разлика од поранешните стратешки изненадувања, Перл Харбор, Иранската револуција во 1979 година и особено нападот на 11 септември, последното се должи на невидена рамнодушност и дури и свесна небрежност. Додека во извештаите на Комисијата за 11 септември вината за нападите на Ал-Каеда се насочува кон администрацијата на сите претседатели, од Роналд Реган до Џорџ Буш, кризата со коронавирусот во најголем дел е одговорност на Белата куќа.
Поглавјето осум во извештајот на Комисијата за 9/11 носи наслов „Составот испрати црвени предупредувања“, продолжува Зенко. Овој цитат доаѓа од поранешниот директор на ЦИА, Џорџ Тент кој така го опиша летото во 2001 година, кога повеќе извештаи од разузнавачката заедница укажаа на престојниот воздушен терористички напад во САД. И покрај предупредувањата и енергичните обиди на некои службеници за борба против тероризмот, Комисијата од 9/11 заклучи: „Има многу малку докази дека заговорот бил нарушен со каква било акција на владата. Времето истече“.
Минатата недела „Вашингтон Пост“ извести за низа предуредувања што разузнавачката заедница ги претставила до Белата куќа во јануари и февруари. Овие предупредувања имале мал ефект врз високите претставници на администрацијата, кои без сомение биле под влијание на непрестајното исмејување на вирусот од страна на Трамп, кој започна на 22 јануари: „Го имаме под контрола. Станува збор за едно лице кое се вратило од Кина и тоа го имаме под контрола. Се ќе биде во ред“.
Три болно очигледни забелешки за лидерскиот стил на Трамп
Досега имавме три болно очигледни забелешки за лидерскиот стил на Трамп што објаснуваат за влошување на пандемијата на коронавирусот со која Американците се соочуваат, истакна Зенко. Прво, факт е дека кога Трамп еднаш ќе поверува во нешто, колку и да е лошо промислено или неточно, постојано се држи до тој впечаток или пресуда. Лидерите се необично горди и самоуверени, за многумина фактот дека тие достигнале истакнати и моќни должности е сведоштво за нивната вродена мудрост. Но вистинските мудри лидери секогаш бараат повратни информации и критики, тие се активни мислители со отворен ум и способни се да се премислат. Очигледно е дека на Трамп му недостасуваат овие важни надлежности, пишува Зенко.
Второ, пресудите на Трамп се многу преносливи, што влијаат врз размислувањето и однесувањето на речиси секој функционер или советник кој доаѓа во контакт со оригиналот. Сепак, неговите неточни и озлогласени коментари имаат извонредна можност да бидат рециклирани од некогаш почитувани воени, разузнавачки и деловни лидери. И ако некој доследно, папагалски и со одговарачки интензитет не го повторува тоа што претседателот го прокламира, истиот ќе биде отпуштен или ќе се појави вест дека неговото отпуштање е неминовно. Така во последно време се појавуваат вести за нетрпението на Трамп кон незаменливиот Ентони Фаучи, директор на Националниот институт за алергија и инфективни болести.
И трето, продолжува Зенко, лошите пресуди брзо ги контаминираат сите оружја на федералната влада за креирање политика, речиси без никаков отпор или разумно преиспитување. Обично федералните агенции ги водат оние службеници кои Белата куќа смета дека се во можност да ја спроведат политиката. Овие функционери обично уживаат во одреден степен на независност, но не и под Трамп. Дури и историски непартиските лидерски позиции во националната безбедност и разузнавачката заедница ги исполнуваат луѓе идеолошки усогласени со Белата куќа, но не и надарени со искуство или експертиза неопходни за рационално решавање на загриженоста што ја предизвикуваат кариерата на неполитички вработените.
Отуѓеност и лежерност во Белата куќа
Значи, почетната погрешна претпоставка или изјава на Трамп се прелева во секојдневно спроведување на политиката, истакна Зенко.
Во споменатиот извештај на „Вашингтон Пост“ има и зачудувачка изјава на анонимен американски службеник: „Доналд Трамп можеби не го очекуваше ова, но многу други луѓе во Владата го очекуваа. Едноставно не можеа да го натераат да направи што било. Светлото на системот трепкаше црвено“. Оваа реченица веројано се однесува на споменатите налози на Комисијата за 9/11, пишува Зенко.
Со оглед на тоа дека Трамп веднаш на почетокот заклучи дека коронавирусот едноставно не може да претставува закана за САД, можеби и не постои ништо што разузнавачката заедница, медицинските експерти со своите епидемиолошки проценки или службениците на јавното здравје би можеле да кажат на Белата куќа за да се промени нешто. Поранешниот советник за национална безбедност, Хенри Кисинџер, наводно, по едно предупредување од разузнавачката заедница истакна: „Ме предупредивте, но не ме убедивте“. Сепак, довербата во мозокот на претседателот е целосно затворена за спротивни, иако точни ставови и невозможно е да биде убеден.
Отуѓеноста и лежерноста во Белата куќа во раните фази на епидемијата на коронавирус ќе бидат една од најскапите одлуки во историјата на современото претседателство. Службените лица добија јасна прогресија на предупредувањата и предлозите за клучни одлуки доволно рано за подобра подготовка на земјата. Но, начинот на кој тие ги отфрлија овие предвидувања и скапоценото време никогаш не смеат да се заборават, ниту пак причината зошто го сториле тоа. Трамп не беше во право, па неговиот внатрешен круг долго и реторички ги промовираше своите грешки и отиде предалеку со несоодветни политики, кои продолжуваат и до ден денес. Американците ќе ја плаќаат цената со децении, истакна Зенко. ки/сд/