Прилеп, 4 април 2020 (МИА) – Според последните информации, еден од лекарите во Инфективното одделение е позитивен на тестот за коронавирусот, додека другиот лекар се наоѓа во самоизолација, информираат од локалната самоуправа од Прилеп.
Со ова, досега од коронавирусот се инфицирани три лица од здравствените институции во градот, вклучувајќи го и лекарот од Психијатриската болница од Демир Хисар. На Инфективното одделение се наоѓаат три лица заразени со коронавирус и сите се со средна клиничка слика.
Инфективното одделение од понеделник ќе функционира согласно Оперативниот план за работа во услови на епидемија, односно пандемија и тогаш ќе биде утврдено дали постои потреба од дополнителен ангажман на медицински персонал од други одделенија во болницата.
Од понеделник, времено ќе биде затворена компанијата „Гентерм“ во технолошко-развојната зона „Алинци“ во која има околу 1.900 вработени. Еден од административните работници во компанијата е позитивен на тестот за коронавирус.
Од 1 април е затворена и текстилната компанија затоа што една од работничките е позитивна на тестот за коронавирусот.
Во Прилеп ноќта поминала мирно, граѓаните го почитувале полицискиот час и нема прекршувања како ниту на мерката изолација во која во моментов се 134 граѓани.ем/бт/