Утрински Весник
Македонија

Во Велес седница на Кризниот штаб во врска со работата на Градскиот пазар и други вонредни мерки 

Во Велес седница на Кризниот штаб во врска со работата на Градскиот пазар и други вонредни мерки 

Велес, 23 март 2020 (МИА) – Општинскиот штаб за заштита и спасување во Велес, со претставниците на повеќе институции вклучени во неговата работа на денешната седница донесе заклучоци за нови превентивни мерки за заштита и спречување од вирусот Ковид -19 на територијата на Општина Велес.

Останува во сила мерката да остане затворен за работа Малиот пазар во „Нова населба”, ЈКП „Дервен” да донесе одлука Градскиот пазар да работи секој ден, од 06:00 до 13:00 часот, да се ограничи продажбата исклучиво само на земјоделски производи (овошје, зеленчук и други прехрамбени производи), а прехрамбените производи да бидат изложени на секоја втора тезга во редот.

Една од мерките е и да се изврши оградување на паркинг просторот надвор од пазарот, да не се дозволува продажба на производи, потоа да се регулира влегувањето и излегувањето на посетителите во пазарот, со два влезови, а пред влезовите да се забележи влегување преку двајца редари и да се внимава на физичкото растојание при влегувањето. Задолжително е носење на заштита опрема (маски и ракавици) на продавачите и на влезовите да биде поставено средство за дезинфицирање и маски за потребите на купувачите.

Местото на продажба на производи од ист вид, се утврдува од раководителот на ЈП Пазари при доделувањето на тезгата за продажба.

ЈКП „Дервен” се задолжува преку јасно видливо известување до граѓаните да го определи времетраењето на задржување на купувачот во пазарот. МВР одредува една патрола со двајца униформирани полицајци за воведување на ред на влезовите на пазарот.

По препораки на Светската Здравствена Организација (СЗО) ЈКП „Дервен” од денеска врши зголемување на нивото на хлор во водоснабдителниот систем по 0,5 ml/L милиграми на литар резидуален хлор во градскиот водоснабдителен систем.

Согласно Оперативниот план за дезинфицирање се задолжува ЈКП „Дервен” да спроведе дезинфицирање на детските забавни паркови, спортските терени, патеката околу езерото „Младост” и други јавни површини во градот;

Да се вклучат вработените во ТППЕ со давање помош кон ЈКП „Дервен” за дезинфицирање на улиците во високите зони од градот со сопствена опрема и возила.

На седницата на Општинскиот штаб за заштита и спасување во Велес е одлучено да се изврши оградување со заштитна лента на детските забавни паркови, спортски терени, патеката околу езерото Младост и други јавни површини во градот со цел редуцирање на движењето на граѓаните.

Се задолжуваат мобилните тимови на МВР – СВР Велес на двата пунктови при влезот во град Велес, одредени на улиците „Вардарска” и „Димитар Влахов”, да вршат редовна контрола на физичката состојба на учесниците во сообраќајот, како и дезинфенкција на возилата;

Се задолжува МВР – СВР Велес да одреди тимови кои ќе вршат контрола на движењето на граѓаните кон езеро „Младост”.

За спроведувањето и реализацијата на препораките за ограничено движење на граѓаните на јавните места и во институциите, Општина Велес ќе ја известува јавноста преку официјалната интернет страница, преку официјалните социјални мрежи, како и преку електронските и пишани  медиуми.

Поради неисправноста на водата во село Сопот за потребите на жителите од село Сопот, Општина Велес обезбедува достава на канистер со вода за техничка употреба и флаширана вода за пиење.

Воедно Општина Велес  ги упатува управителите на згради, претседателите или претставници на куќните совети на станбените згради, да стапат во контакт со Центарот за јавно здравје со цел добивање конкретни информации за начинот на употреба на средства за дезинфицирање на заедничките простории. ад/цр/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Свечен час по повод 80 години од прогласувањето на македонскиот јазик за службен

Ведро и студено, преку денот сончево

Доне Таневски продаде голем удел од акциите во „Македонија турист“ – „Скопски пазар“ на Фатмир Етеми ја зацврстува позицијата на втор најголем акционер