Охрид, 20 март 2020 (МИА) – Согласно со ситуацијата и насоките за зачувување на јавното здравје, а со оглед на состојбата кога на учениците не може да им се понуди онлајн-настава во вистинска смисла, наставниците од ОУ „Братство и единство“ од Охрид решија за таа намена да користат групи преку социјалните мрежи.
Практиката е функционална кога наставникот комуницира само со родителите и учениците од одделенска настава, додека за предметна настава, каде што наставникот работи со повеќе од стотина ученици, наставниот кадар од училиштето реши да креира своја интернет-страница на која наставниците ќе поставуваат наставни содржини, соодветни на наставната програма за овој период од годината.
Од менито на сајтот може да се избере наставниот јазик на кој учениците ја следат наставата – македонски, албански или турски јазик, а потоа некој од понудените предмети. Покрај примерите кои им се зададени на учениците во вид на текстуални документи, презентации, видеа, во содржините се поставени и задачи кои учениците треба самостојно да ги реализираат дома.
Во наредниот период на сајтот ќе бидат поставени и решенијата на задачите од страна на наставниците, со цел учениците да ја самооценуваат својата работа. За евентуални прашања до наставниците, учениците може да пратат мејл во табот контакт на сајтот или да пишуваат до класниот раководител во соодветната група.
– Свесни сме дека ваквиот начин не е ефикасен за сите ученици, но сигурни сме дека е безбеден, соодветен на наставните програми и доволен за учениците кои имаат желба за стекнување нови знаења. На сајтот се предложени и корисни едукативни линкови за онлајн-учење преку игри, курсеви, видеа и сл., кои се надеваме дека ќе го привлечат вниманието на голем број ученици, не само од предметна, туку и од одделенска настава, стои во појаснувањето од ОУ „Братство и единство“
Истовремено, тие укажуваат на неопходноста и родителите да се вклучат во целиот процес на ангажирање на децата во домашни услови, со предлози учениците времето дома пред се да го поминат во дружење со семејството, следење на програмите на телевизија, корисни и соодветни за нивна возраст, да играат друштвени игри и најважно од се, да прават вежби за здраво тело и добро расположение. аб/хс/