Утрински Весник
Македонија

Кордалов: Корона комуникација – Кредибилни vs лажни вести (1:0)

Кордалов: Корона комуникација – Кредибилни vs лажни вести (1:0)

Скопје, 20 март 2020 (МИА) – Потрагата по кликови, побрза заработувачка, како и различните интереси и аспирации на локално, регионално и глобално ниво во изминативе години го окупираа информативниот простор. Масовната употреба на интернетот и социјалните медиуми од страна на граѓаните, како и брзиот развој на „паметните“ телефони ја катализираа ваквата состојба, овозможувајќи канали за молскавично распространување на пораките, а со тоа и брзо ширење на кредибилните информации, но и лажните вести и полуинформациите.

Никој не остана имун на овој феномен кој ги поткопува демократските процеси, системите на функционирање во демократиите, а во огромна мера ја таргетира довербата на граѓаните во јавните институции. Теориите на заговор или конспирациските теории кои постојат многу одамна, во дигиталната ера го доживуваат својот „бум“, создавајќи недоверба во институциите кои граѓаните ги финансираат и се создадени да даваат услуги кон сите нас, без исклучок и кон правните субјекти.

„Корона“ кризна комуникација до сега

Редовно информирање и двонасочна комуникација – Најповиканите надлежни јавни институции се постојано присутни во јавноста, користејќи ги сите начини за двонасочна комуникација со медиумите и онлајн порталите, како и информирањето „во реално време“ и интеракцијата преку социјалните медиуми.

Ваквиот однос во огромна мера придонесува за истиснување на сите шпекулации, и дезинформации, како и за појаснување на сите прашања кои постојат во јавноста. Истовремено, неопходно е да се потенцира дека рамноправни партнери во целиот овој процес се медиумите кои несебично се борат и непроценливо придонесуваат за навремено и кредибилно информирање на секој граѓанин, како и пренесување на дилемите на јавноста до надлежните со цел нивно разјаснување и добивање на институционален одговор во ваква вонредна состојба.

Истовремено, „издишувањето“ на политичкиот притисок и наметнување на дневно-политички теми од било која политичка партија го отвора и ослободува просторот на надлежните институции за натпартиско справување со оваа новонастаната состојба. Комуникацијата со граѓаните во овој период од страна на сите општествено-политички чинители е неопходно да биде одговорна, посветена кон решавање на новонастанатата состојба, целосно исклучувајќи потреба за ловење на политички поени, вклучувајќи го ширењето на полукредибилни, неточни или лажни информации.

Во ваква вонредна ситуација и загриженост кај секој граѓанин, не постои непотребно или „глупаво“ прашање. Она што треба да се избегнува и препознава се евентуални тенденциозни прашања кои имаат за цел да предизвикаат страв и паника кај населението. Истовремено, важно и во ваква вонредна состојба е да се задржи улогата на медиумите како контролори во работата на јавните институции, бидејќи интересот за справување со оваа вонредна состојба е на сите.

Јавно достапни податоци – Потребно е и понатамошно јавно, јасно и недвосмислено прикажување и споделување со јавноста на сите податоци поврзани со корона вирусот, преземените мерки и активности. Ваквиот пристап е важно да се задржи и во иднина, особено при евентуално влошување на состојбата преку зголемен број на заразени, бидејќи само во партнерски однос на институциите со граѓаните и сите други општествени чинители е можно побрзо и целосно добивање на оваа битка, како и спречување на ширење дезинформации и други лажни вести кои би се одразиле негативно врз секого, особено во оваа новонастаната ситуација.

Деполитизација на институциите и унифицирани пораки кои се базираат на стручна проценка – Новонастаната состојба со корона вирусот на домашно, но и светско ниво како да ни го покажува правецот во кој треба да се движи и борбата против лажните вести. Само со градење и одржување на професионални, натпартиски и целосно стручни јавни институции може да зборуваме за доверба на граѓаните во системските решенија и мерки кои се предлагаат, како и отфрлање на некредибилните и малициозни информации. А, токму довербата е клучна во демократските процеси и справување со сите предизвици кои ги имаме или во иднина ќе следат.

Важно е да потенцираме дека и тука најголемата одговорност и понатаму треба да ја понесуваат политичките партии, лидерите на институциите, како и секој вработен во јавните институции финансирани со парите од граѓаните и компаниите.

Одолевањето на политизацијата и евентуалните политички злоупотреби, дополнително ќе ја зајакнат довербата во јавните институции и улогата која тие треба да ја имаат во вакви вонредни околности.

Затоа е повеќе од неопходно и најлутите политички ривали целосно или до крај да ги остават импровизациите и несогласувањата зад себе и во овие моменти да зборуваат во еден глас, базирајќи ја својата комуникација со граѓаните на стручната јавност и специјалистите во секоја област.

Денес, повеќе од било кога ни се потребни стручни мислења како поддршка во секој домен или сфера на функционирање. На овој начин постојано ќе се јакне нивото на доверба кај граѓаните и ќе се придонесе за поефикасно и побрзо справување со корона вирусот.

Предлог активности

Вонредни мерки преку вонредни алтернативи – Вонредна состојба подразбира вонредни мерки, но истовремено и вонредно функционирање на институциите во насока на исполнување на очекувањата на граѓаните и нивните секојдневни потреби.

Секоја државна институција е неопходно да биде проактивна и секојдневно да функционира со свој кризен штаб преку кој дигитално ќе ги информира граѓаните за препораките кои треба да се спроведат во рамките на нивните надлежности. Тоа подразбира непречено функционирање и

остварување на барањата и потребите на граѓаните, истовремено со почитување на препораките за заштита од зараза со корона вирусот.

Мора да земеме во предвид дека секоја неопходна вонредна мерка која се воведува, во исто време мора да предвиди и серија на алтернативни мерки кои на граѓаните ќе им се стават на располагање. Само ваквиот проактивен пристап на јавните институции може да придонесе за целосно почитување на препораките, развивање на комуникациска култура и одреден степен на задоволство кај граѓаните дури и во вакви вонредни околности.

Важно е да се нагласи дека дел од институциите на централно и локално ниво го практикуваат ваквиот пристап, но потребно е брзо преструктуирање и функционирање на ваков начин на сите јавни институции без исклучок.

Дигитализација во секоја сфера – Исто како и во борбата со лажните вести, справувањето со корона вирусот ни го покажува патот или дава одговорот за улогата на дигитализацијата во денешните општества. Веќе речиси и да не постои поединец кој во овие вонредни околности не се увери во доминантно позитивните страни на интернетот и дигитализацијата. Ова подразбира дека потребата од промена на нашите животни навики во секојдневието, нужно не пренасочи кон корисните дигитални алатки, интернет платформи и чет апликации. Токму сега, институциите, но и поединците, организациите и бизнис секторот треба брзо да дејствуваат и секој во својот домен да ја воведе дигитализацијата со цел колку што е возможно непречено одвивање на животните навики на граѓаните.

Особено е важна практичната примена на дигиталната писменост – користење на интернетот и дигитализацијата за квалитетно поминати активности во работата, учењето, слободното време, секојдневната комуникација итн.

Исто така, секој пропуштен ден за воведување на унифицирана онлајн или дигитална настава и тоа на ниво на сите училишта и факултети значи потешкотии во нормалното функционирање на во рамки на целиот систем. Огромна почит и поддршка на сите поединци и институции кои од првиот ден по затворањето на образовните институции продолжија со тековна онлајн настава од дома.

Овој апел беше даден уште пред 10 дена. Токму затоа, образовните институции треба да сфатат дека немаат веќе на располагање денови за ваквата настава унифицирано да ја организираат, туку часови. Настава во истите временски периоди, на истите предмети и теми, само дигитално. Потребно е на мобилните и таблетите да им го покажеме вистинското образовно значење. Важно да се напомене е дека ова значи дека пристапот до интернет треба да биде обезбеден до сите и тука институциите треба да бидат особено подготвени да секој има пристап до образовните содржини.

Економска „комуникација“ во време на закана од корона вирус – Комуникацискиот наратив е важно да се базира на тоа дека не станува збор за ничија себичност, туку долгорочно и заедничко планирање на иднината на нашата земја и целата светска економија.

Со кризи и опасности сме се соочувале во минатото, се соочуваме денес, а глобални предизвици ќе постојат и во иднина. Важно е дека човештвото секогаш се справува со таквите опасности и предизвици, што секако тоа ќе биде случај и сега. Но, доколку сакаме да помогнеме да излеземе од целата ситуација со помали штети во иднина, комуникацискиот наратив на економските теми и важно да го градиме заеднички, особено без лоцирање на виновници. Мора да создаваме комуникација во која заедно и менаџерите, и вработените и владините претставници ќе покажат пред граѓаните дека сфаќаат дека опстојувањето на економијата е интерес на сите.

Подеднакво важно со справувањето со вирусот и со лажните вести кои се прават обиди да се пласираат на тема „корона“. Економијата е многу сериозна тема за да се поттикнуваат антагонизми и спротивставувања во овој момент. Потребно е сите засегнати заедно да ги изнајдат најдобрите решенија во интерес на сите граѓани и на тој начин дополнително да се изгради доверба во демократскиот и економскиот систем на функционирање кој долго го градиме.

Визионерство наспроти популизам – Секој од нас има желба и намера да придонесе во борбата со корона вирусот. Речиси без исклучок сме сите исплашени и во очекување надлежните на локално и светско ниво успешно да се изборат со заканата од корона вирусот. И неретко се впуштаме во давање на предлози кои нам се чинат оправдани, но во себе може да кријат опасен популизам и потенцијална дискриминација.

Со цел превенирање на ваквите појави, потребно е институциите да се постават визионерски, постојано и во прв план да посочуваат дека се што преземаат е согласно стручните, односно експертски препораки на организации, институции или поединци кои се компетентни во својата област. Водењето според vox populi се чини понекогаш опортуно, но не секогаш е визионерски избор. Овој апел е потребно да се примени и од страна на политичките партии, како и од други релевантни организации, поединци и бизнис секторот.

Користење на разбирлив јазик и спречување на дискриминација – Институциите мора да наоѓаат креативни начини пораките за спречување на корона вирусот да допрат до секого. Секој од нас има различно ниво на образование, знаење, предзнаење, свесност, се движи во различни кругови. Затоа, во ваква ситуација, не само што е недозволиво, туку е непродуктивно доколку се исмеваме или осудуваме било кој поединец или група. Мора да се погрижиме секој од нас да ја добие потребната информација на свој разбирлив начин. И токму од ова зависи ефикасноста и степенот на целосно почитување на препораките за заштита од проширувањето на корона вирусот.

ЗАКЛУЧОК: Засега резултатот е 1:0 за кредибилните информации. И тоа е одлична вест. Но, важно е постојано да се потсетуваме дека битката продолжува до крајот на „натпреварот“. Потребно ни е водство, како и позитивен резултат до самиот крај, бидејќи за секој од нас се работи!

Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми

__________________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Груби го нема, ДУИ се оградува, Мицкоски не верува дека е чист како солза

Ученици од Битола изработиле веб мапа на спомениците од НОБ

Патот за Галичник се уште неисчистен и непрооден