Утрински Весник
Македонија

Благ пораст на случаи со коронавирус, надлежните смируваат-засега добро се справуваме со ситуацијата

Благ пораст на случаи со коронавирус, надлежните смируваат-засега добро се справуваме со ситуацијата

Скопје, 19 март 2020 (МИА) – Бројката нови случаи заразени со коронавирусот во земјава е во благ пораст. Надлежните смируваат дека засега државата добро се справува со ситуацијата. Министерот за здравство Венко Филипче вчера рече дека бројот на пациенти е во пораст, но оти кривата е блага. Тоа, според него, остава надеж дека е можно да се избегне нагло зголемување на бројот на случаи, што, како што посочи, остава можност и здравствениот систем полесно да ги прифаќа заболените.

Властите постојано апелираат на одговорност на граѓаните и почитување на забраните и мерките. Откако беа најавени санкции, вчера веќе почнаа да се изрекуваат и казни за нивно непочитување. Најавен е и поширок скрининг тестирање за откривање асимптоматски пациенти.

-Мислам дека добро го амортизиравме првичниот удар. Искрено, се надевам дека вака блага ќе биде кривата на бројот на пациенти, дека бројката ќе се зголемува постепено и оти здравствениот систем ќе може да се организира и да ги прифати, рече Филипче.

Додаде дека иако се наева оти нема да дојде до сценарио на нагло зголемување на бројот на заболени, сепак, и за тоа се прават подготовки.

-Има план консекутивно како ќе се транформираат одделенијата, иако искрено се надевам дека нема да дојде до такво сценарио. Ова сепак е благ почеток. Точно е дека пациентите се во пораст и тоа е очекувано, меѓутоа откривањето случаи во рана фаза, или асимптоматски случаи, можноста за домашно лекување… ни дава надеж дека нема да се случи нешто драматично имајќи ги предвид и мерките кои се сега на сила, рече министерот за здравство.

Се прави адаптација на болницата „8 Септември“ да може да прифати случаи што се сомнителни или се со дијагностицирана корона, а им е потребен друг тип интервенција. Дополнително, се прават подготовки да можат да се прифатат и пациенти кои не би можеле да бидат сместени на Клиниката за инфективни болести поради исполнување на нејзиниот капацитет.

Властите апелирааат сите граѓани да се придржуваат до мерките за превенција од ширење на коронавирусот. За секој што не ги почитува препораките, најавени беа и санкции, кои веќе почнаа да се изрекуваат.

Премиерот Оливер Спасовски во синоќешното гостување на ТВ Телма, најави дека најверојатно денеска ќе бидат донесени мерки согласно кои секој оној што не ја почитува наредбата за домашна изолација, автоматски да биде префрлен во центрите за карантин.

Како дел од мерките за спречување на ширење на вирусот, Спасовски соопшти и дека Водно од утре ќе се затвори за граѓаните од 18 часот до 6 часот наутро за да се спречи собирање на граѓани и додаде дека ќе се испитуваат информациите за изнајмување на куќи во неколку скопски населби како и на договорите за издавање.

Вчера беше најавено и дека следната недела ќе треба да почнат со работа пунктови за тестирање во рамки на Здравствениот дом во Скопје за да се опфатат поголем број граѓани со оглед на тоа што веќе има локална трансмисија во градот.

Целта е да се стигне до сите првични контакти затоа што тоа се најризичните луѓе кои можат да се во највисок процент заразени и да ја шират заразата. -Тоа ќе биде целта и на дополнителното тестирање кое сакаме да го почнеме во почетокот на следната недела. Значи да се прошири на дел од асимтоматските пациенти кои се во најризичните групи. Затоа е многу важна свеста на граѓаните посебно на оние кои биле во контакт или оние знаат дека можеби се во ризична група. Сметам дека тоа е исклучително важен дел во целиот систем на борба против вирусот, нагласи Филипче.

Првиот позитивен случај во нашата држава беше регистриран на 26 февруари, а за поефикасно справување со коронавирусот на територијата на државата завечера вчера беше прогласена вонредна состојба. сст/са/

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

61- годишна жена го роди своето прво бебе на Клиниката за гинекологија

Верниците се простуваат од упокоениот митрополит Дебарско-кичевски Тимотеј

Царинска управа: спречен шверц на цигари, облека и хардверски делови, како и нелегален влез на илегални мигранти од Иран и Сиера Леоне