Утрински Весник
Македонија

Од денеска неформална едукација за учениците и децата на претшколска возраст на МРТ

Од денеска неформална едукација за учениците и децата на претшколска возраст на МРТ

Скопје, 16 март 2020 (МИА) – Основците и децата на претшколска возраст од денеска ќе имаат можност да следат едукативни содржини на трите канали на националниот телевизиски сервис МРТ, изведени од наставните програми по кои тие во моментов се едуцираат во училиштата и градинките, кои пак, се привремено затворени со одлука на Владата како дел од мерките за заштита на јавното здравје поради ризикот од ширењето на коронавирусот.

Како што соопшти Министерството за образовани и наука, ова е решението кое произлезе од минатонеделниот состанок во МОН на кој присуствуваа претставници на неколку институции од областа на образованието, УНИЦЕФ, претставници на граѓански организации и претставници од менаџментот на Македонската радио телевизија, а кој беше организиран согласно заклучок на Владата да се изнајде алтернативен начин за едукацијата на децата да продолжи во и периодот додека формалниот воспитно – образовен процес е привремено прекинат.

– Почнувајќи од понеделник на трите канали на МРТ во соодветни термини во текот на денот за кои јавноста ќе биде информирана во најкус можен рок, наставници од основните училишта ќе реализираат скратени училишни часови на сите јазици на кои наставата се организира во училиштата во земјата. Оваа неформална едукација преку таканаречена ТВ училница ќе се реализира сé до повторното отворање на училиштата и градинките и нормално продолжување на формалниот воспитно – образовен процес на учениците и децата од претшколска возраст. Посебна работна група е задолжена и веќе го реализира планот за успешен почеток и тек на спроведување на иницијативата, се вели во соопштението од МОН.

Министерството за образование најави и дека во соработка со Бирото за развој на образованието и Центарот за стручно образование и обука, согласно одредбите од Законот за основното образование и Законот за средното образование, како и Министерството за труд и социјална политика, ќе подготви план за организирање на наставата до завршување на учебната година, за што повеќе детали ќе бидат споделени со јавноста во следниот период.

МОН апелира до наставниците да покажат интерес и волонтерски да се приклучат во реализацијата на оваа иницијатива. мд/са/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Бишев: Јавниот долг до крајот на годината би изнесувал околу 68,5%

Нов земјотрес вечерва повторно ја стресе Македонија

Перински: ЈП „Улици и патишта“ нема пари за плата, а не пак да чисти снег