Утрински Весник
Економија

Спасовски и Апостолска: „Теламон“ ги препозна одговорните политики на Владата

Спасовски и Апостолска: „Теламон“ ги препозна одговорните политики на Владата

Скопје, 4 март 2020 (МИА) – Претседателот на Владата, Оливер Спасовски, придружуван од министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски и градоначалникот на Општина Гази Баба, Борче Георгиевски, ја посети американската компанија „Теламон“ и се запозна со нивните тековни активности и производни капацитети во нашата земја, во кои се произведуваат кабли за автомобилската индустрија.

Како што соопшти владината прес-служба, по посетата Спасовски изразил задоволство дека оваа компанија одлучила својата фабрика да ја отвори во нашата земја и истакнал оти сите очекувања предвидени со договорот се остварливи.

Тој навел дека станува збор за инвестиција во висина од четири милиони евра и со проектирани 300 работни места.

– Разговаравме и за развојната компонента, за идните планови на компанијата. Драго ми е што тие одлучиле сепак да го прошират своето производство, својот капацитет на дополнителни околу 7.500 квадратни метри и за дополнителни нови околу 300 вработувања. Сето тоа е многу значајно за развојот на македонската економија, за отворање на нови работни места, што впрочем е една од целите на Владата, истакна Спасовски.

Тој нагласил дека Владата ќе продолжи да го поддржува бизнис секторот со цел да се создадат услови за побрз економски раст, кој ќе донесе придобивки и за работниците и за работодавачите, но и за државата.

Министерката Апостолска, како што соопштија од Владата, истакна дека американската компанија „Теламон“ веќе втора година произведува кабелски склопови за автомобилска безбедност и соработува со реномирани автомобилски производители во светот.

Таа потенцирала дека активностите на овој производен капацитет придонесуваат во зголемувањето на извозот од нашата држава и сето тоа влијае врз растот на бруто домашниот производ.

– Владините политики успешно се спроведуваат, а имаат приоритет во индустрискиот сектор. Особено се стремиме да се работи на мотивација за создавање на поголема и додадена вредност  во индустрискиот сектор. Од тие причини можам да потврдам и со бројки дека во реалниот сектор тие се одлични. Растот на трговската размена е зголемена за 10 проценти, особено во рамките на извозот каде што и достигна 6,4 милијарди евра, кај индустриското производство растот е 3,7 проценти, подвлече министерката Апостолска. мс/сп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Петрушевска до опозицијата: Седум години покажувавте огромна негрижа, а сега зборувате за социјална правда

„Сакам да работам“ до ДУИ и ВЛЕН: Дали вашата политичка војна треба да остави 10 илјади луѓе без работа

Демант од Групација на небанкарските финансиски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија