Велес, 3 март 2020 (МИА) – Во ЈЗУ Центар за јавно здравје во Велес изминатата недела се регистрирани 817 заболени од грип од кои најголем број се деца, а бројката е приближно двојно повеќе од претходната недела кога беа евидентирани 468.
Како што информира за МИА д-р Бојан Тодоровски од ЈЗУ Центар за јавно здравје, од вкупно од 817 заболени во групата до четири години заболени од грип се 154 деца, а од 5 до 14 години 314. Во групата од 15 до 64 години има 322 заболени, а од кои голем дел се деца – средношколци. Во групата над 65 години се регистрирани 27 заболени. Или во текот на февруари во ЈЗУ Центар за јавно здравје регистрирани се вкупно 2.176 лица заболени од грип, а во јануари биле евидентирани само 88.
Д-р Тодоровски очекува од оваа недела па натаму бројот на заболени од грип да опаѓа.
Инаку, според информацијата од ЈЗУ Центар за јавно здравје во Велес и велешко нема ниту сомнителни ниту заболени од коронавирус. ад/дма/