Утрински Весник
Македонија

„Играј фер“ со ученици од 11 основни училишта во организација на АМС

„Играј фер“ со ученици од 11 основни училишта во организација на АМС

Скопје, 29 февруари 2020 (МИА) – Агенцијата за млади и спорт денеска на фудбалското игралиште Локомотива во скопски Карпош го организираше спортскиот настан „Играј фер”, на кој 35 ученици од 11 основни училишта од Скопје, Тетово и Велес одржаа фудбалски тренинг заедно со Дарко Панчев и Вујадин Станојковиќ.

Младите фудбалери имаа можност да слушнат мотивациски говори, совети и техники од спортските ментори, а потоа одиграа фудбалски натпревари во мешан состав.

Целта на настанот е запознавање, вмрежување и интегрирање на млади кои не доаѓаат од иста средина, како и надминување на стереотипите, зголемување на меѓусебната толеранција на млади од различни етнички средини и нивно поврзување преку фер спортска игра.

– Со овие заеднички тренинзи ги насочуваме децата што повеќе да спортуваат и да ги урнат сите бариери, сите различности и сите предрасуди. Спортот е моќна алатка со која децата се учат на заедништво преку тимскиот дух. Преку спортот можеме да направиме поубава држава за живеење, бидејќи на крајот спортот е тој што победува, а тимскиот дух ги насочува младите во правилна насока, изјави Дарко Каевски, директор на АМС, соопштувајќи дека ќе продолжат со тренинзи во  различни спортови. Следниот викенд ќе организираат тренинг во борење, а потоа во кошарка.

Фудбалерот Вујадин Станојковиќ истакна дека љубовта кон спортот и работната навика се многу важни.

– Иако не можеме сите да бидеме врвни фудбалери, сигурно е дека ќе стекнеме многу пријатели и навики кои ќе ни користат во животот. Сигурен сум дека некое од овие деца ќе израсне во ѕвезда и репрезентативец или фудбалска легенда, рече Станојковиќ.

Дарко Панчев истакна дека спортот зближува, а пријателствата остануваат без разлика кој колку ќе успее.

– Ова треба да се интензивира и да се вратат школските натпреварувања ако ги нема. Благодарение на професорите, па преку тренерите, излегуваат врвни спортисти од училишниот спорт, а ние како поранешни спортисти сме тука да дадеме свој придонес, им порача Дарко Панчев на младите фудбалери. хс/сп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Филипче: СДСМ не е лична сопственост ниту на Бранко, ниту на Заев, а најмалку моја

Филипче: Ароганцијата ќе ја закопаме длабоко под земја

Ахмети од Швајцарија: Без Албанците, Северна Македонија нема иднина