Тетово, 24 февруари 2020 (МИА) – Голем број помали огнови се забележани на тетовското подрачје пред се, околу земјоделските површини каде сопствениците палат сува вегетација и стрништа. Поради опасност од предизвикување поголеми пожари тетовската полиција апелираше да не се палат ваквите остатоци од нивите.
-Секторот за внатрешни работи Тетово апелира до земјоделците, но и до сите други да бидат крајно внимателни ако се движат или работат во полето и посебно да не палат огнови, кои брзо можат да се прошират, особено ако времето е ветровито, но и најдиректно влијаат на аерозагадувањето.Во спротивно ќе се соочат со ригорозни законски санкции, односно со соодветни поднесоци, со потсетување дека за предизвикување пожар, намерно или од невнимание, предвидени се затворски казни од шест месеци до осум години, зависно од видот на пожарот и другите околности и последици, велат од тетовската полиција.
Палењето на стрништата и сувата вегетација како трева, жбунови и слично, земјоделците го практикуваат во насока на расчистување на нивите поради претстојната пролетна сеидба. Од друга страна ризикуваат тоа да биде причина за поголем пожар. Тетовската полиција во октомври 2019 при сличен инцидент приведе 44-годишник кој на Шар Планина при подготовка за скара запали оган што потоа се прошири и изгоре поголема површина сува трева. Тетовските пожарникари, исто така, честопати алармираат дека палењето сува трева и стрништа доведува до опасност од пожари. ас/вг/