Скопје, 20 февруари 2020 (МИА) – Ресен добива градинка за 120 деца. Вкупната вредност на зафатот е 22,4 милиони денари, во кои Министерството за труд и социјална политика (МТСП) учествува со 20,8 милиони денари. Средствата се обезбедени со поддршка на Светска банка. Дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ и градоначалникот на Ресен Живко Гошаревски направија увид во адаптацијата на градинката, соопшти МТСП.
– Се грижиме за најмладите. Децата се нашата иднина. И во оваа градинка тие ќе учат и ќе го осознаваат светот, ќе се социјализираат и ќе се развиваат во љубопитни и истрајни личности. Градинките не се места каде децата само се згрижуваат, јадат и спијат и затоа е навистина важно секое дете да има еднакви можности за старт во живот. Обврска на институциите од централната и од локалната власт е тоа да им го овозможиме, рече Шкријељ.
Владата и Министерството, како што се наведува во соопштението, континуирано работат на зголемување на опфатот на деца во предучилишните форми на воспитување и образование, затоа што раното учење игра клучна улога во развојот на децата и истовремено овозможува активирање на родителите на пазарот на труд.
– Со поддршка на Светска банка, до јуни 2024 година ќе се обезбедат 7.500 нови места во градинките. Само во две и полгодини се вложени повеќе од 180 милиони денари во подобрување на инфраструктурата во детската заштита. И преку програмата на Светска банка, обезбедени се 15 милиони евра, за дополнителни инвестиции во градинките. Минатата година платите на стручниот кадар во градинките пораснаа за 26 проценти, се додава во соопштението.
Градоначалникот на Ресен Гошаревски изразил задоволство што и оваа градинка е во Програмата на Министерството.
Шкријељ и Гошаревски го посетиле и Дневниот центар за лица со интелектуална и телесна попреченост. Во моментов го користат осум лица, за кои е обезбеден превоз, престој и храна, како и помош за корисниците и семејствата.
– Социјалните сервиси, како што е овој дневен центар, треба да ги следат индивидуалните потреби на секое дете и неговото семејство, и да бидат мост со другите системи на поддршка. Само така, можеме да обезбедиме целосно вклучување на лицата со попреченост во општеството и да создадеме едно општество за сите, нагласи Шкријељ.
За корисниците на Центарот се реализира воспитно-образовна работа преку прилагодени програмски содржини. мс/сп/