Утрински Весник
Македонија

Комисија за односи меѓу заедниците од Куманово на трибина со младите

Комисија за односи меѓу заедниците од Куманово на трибина со младите

Куманово, 18 февруари 2020 (МИА) – Комисијата за односи меѓу заедниците од општина Куманово денеска ја организираше првата трибина со младите. Како што информираше претседателката на Комисијата, Татјана Крстевска, годинава програмата ќе биде поразлична, односно активностите ќе бидат насочени кон градење соживот меѓу младите, начин на употреба на јазици, култура, едукација.

Крстевска појасни дека новина е што во четиринаесетчлената комисијата членуваат и претставници од хрватската заедница.

-Лани, акцент бил ставен на одбележување на празници на етничките заедници од градот, а годинава акцентот ќе биде ставен на употреба на јазиците, на културата, именување на улици, едукација на младите за соживотот помеѓу младите, употреба на грб и знаме на општината. Како комисија сме овластени да даваме свои предлози на седници на советот, рече Крстевска.

Претседателката на Советот на општина Куманово, Атина Мургашанска потсети дека во Советот веќе со години се употребуваат четири јазици на претставници на различни етнички заедници.

-Комисиите за односи меѓу заедниците се законска обврска за општини каква што е Куманово, но и доколку и не беше така со задоволство би формирале вакво надворешно тело, бидејќи со години наназад оваа комисија дава значаен придонес во релаксирање на ордедени тензии во некои периоди и во градење на подобри врски и концептот едно општество за сите, рече Мургашнаска.

Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски, додаде дека улогата на Комисијата била клучна во изминатите периоди, потсетувајќи на 2015 година кога комисијата одржала бројни средби со граѓани од различни реони во градот, за надминување на проблемите.

-Куманово е Македонија во мало, мултиетничка средина, комисијата функционира со години наназад и целта е да разговара на теми кои ги обединуваат потребите на граѓаните. Има можности да се надополни со претставници од различни етнички заедници кои досега не се застапени, изјави Димитриевски.

Комисијата во идниот период ќе одржи серија трибини за подобрување на соживотот помеѓу младите.ам/бт/

 

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

1,95% ќе биде каматата за стопанството со 3 години грејс период и 15 години рок на отплата, рече Мицкоски

(Фото) Целиот состав на новиот Централен одбор на СДСМ

Трпезата за Нова година ќе биде поевтина? Се подготвува празнична потрошувачка со над 500 производи