
Просечната потрошувачка кошничка во октомври достигнала 59.149 денари, што е за 942 денари повеќе од септември. Месечните трошоци пораснале за 1,6 отсто, а најголем дел од зголемувањето се должи на поскапувањето на храната и пијалаците, соопшти министерот за економија и труд Бесар Дурмиши на брифинг со новинарите.
Меѓу прехранбените производи особено поскапеле овошјето и зеленчукот. Повисоки трошоци се забележани и кај домувањето, облеката и обувките, рекреацијата и културата, како и кај електричната енергија, гасот и другите горива.
И покрај растот на трошоците, Дурмиши рече дека Владата засега не гледа потреба од нови мерки за ограничување на цените. Според него, Државниот пазарен инспекторат континуирано ги следи цените на производите и услугите, а Владата ќе постапи доколку инспекторатот утврди неправилности кај трговците.
„Засега цените се во рамки на релативна пазарна стабилност. Нашата цел е да интервенираме само ако има потреба и економска оправданост. Кога ќе бидеме известени од ДПИ дека има девијантно однесување кај трговците, тогаш ќе постапиме“, изјави Дурмиши.
Месечната инфлација во октомври изнесувала 0,4 отсто, додека годишната достигнала 3,3 отсто. Министерот оцени дека инфлацијата во земјава е пониска отколку во дел од земјите во еврозоната и очекува до крајот на годината да се спушти под три отсто.
Дурмиши рече и дека Владата работи на зголемување на минималната плата.



