
Едно лице е приведено во рамки на истрагата за убиството на 38-годишниот маж кај Смилковското Езеро во близина на Скопје, објави Телма, повикувајќи се на свои извори. Според првичните информации на телевизијата, лицето е приведено како осомничено.
Телото на мажот го пронашол случаен минувач во саботата, на 21 ноември, околу 6:15 часот. Според снимките од безбедносните камери и од системот „Безбеден град“, мажот се упатил кон местото каде што бил застрелан неколку минути пред 5 часот наутро.
Мажот бил погоден во ногата. Куршумот му повредил артерија, а од обилното крварење починал. Неговиот мобилен телефон бил пронајден во автомобилот.
Во објавата на Телма нема детали за идентитетот на приведениот, ниту за можниот мотив за пукањето.



