Утрински Весник
Македонија

Андонова: Алкохолот и дрогата се присутни во многу случаи на семејно насилство

Img 8396.jpeg

Консумирањето алкохол или дрога е важен податок при процената на опасноста за жртвата на семејно насилство, а зависноста не го оправдува насилничкото однесување, порача јавната обвинителка Спасенка Андонова во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Според Андонова, уште при првиот разговор со жртвата, полициските службеници треба да прашаат дали и претходно имало насилство, колку често се повторувало и дали лицето што го извршило било под дејство на алкохол или дрога.


Обвинителката посочи дека во многу случаи насилничкото однесување се јавува по консумирање алкохол или дрога. Во одредени случаи, додаде таа, лице со зависност може да се однесува насилно и кога нема пристап до супстанцијата што ја користи.

„Тој податок се добива од жртвата и добро е веднаш да се провери дали насилникот дејствијата ги презема во состојба на зависност, односно по претходно консумирање алкохол и наркотици“, рече Андонова.

Таа нагласи дека овие околности се важни за процената на ризикот за жртвата. „Тоа не е елемент на ослободување или полесно гледање на неговото однесување“, посочи обвинителката.

Утврдувањето зависност, според Андонова, може да укаже на потреба од дополнителни мерки кон сторителот, вклучително и задолжително лекување кога се исполнети условите за тоа. Таа нагласи дека, покрај утврдувањето на одговорноста, институциите треба навреме да ги препознаат околностите што го зголемуваат ризикот насилството да се повтори.

Можете да прочитате

Андонова: Жртвата не смее да остане сама по полициската интервенција

Андонова: Има случаи кога децата сами пријавуваат семејно насилство

По пријава за насилство, полицијата треба во рок од 12 часа да го извести обвинителот вели Андонова