
Соопштение на Левица:
Во јавноста се појавуваат сè повеќе вознемирувачки сведоштва за полициско насилство во Охрид и безаконието кое владее во СВР Охрид.
Самохрана мајка од Охрид сведочи дека нејзиниот 15-годишен син пред четири месеци бил брутално претепан од полициски службеници. Според нејзиното сведоштво, полицајците го пресретнале додека се враќал од работа со мотор, го удриле со службеното возило, а потоа го удирале со боксови, клоци и пендреци, газејќи го по главата и телото. Детето во неколку наврати ја губело свеста, а откако дознале дека има само 15 години, му се заканувале да не пријавува, со предупредување дека следниот пат ќе помине уште полошо.
Случајот бил пријавен во ОЈО Охрид, каде малолетникот дал исказ пред јавниот обвинител Стојанчо Арнаудоски. Пријавата била доставена и до Внатрешната контрола на МВР, но мајката сведочи дека четири месеци подоцна нема добиено никаков одговор, и покрај нејзините барања за информации за постапката.
Дополнително загрижува фактот што полициските службеници за кои станува збор сè уште се на своите работни места.
Особено загрижува и постапувањето на јавниот обвинител Стојанчо Арнаудоски, кој и во последниот случај со претепаната девојка во Охрид, првично одби да побара притвор за тепачот Корабоски.
Ова е дел од низата скандали поврзани со СВР Охрид, особено по обелоденувањето на случајот во кој полициски службеници претепале малолетно момче во дискотека.
Левица бара од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски итно да одговори:
• Зошто Внатрешната контрола четири месеци не постапила соодветно и не доставила одговор до мајката на малолетникот?
• Зошто полициските службеници против кои е поднесена пријава сè уште извршуваат службени должности?
• Дали е отворена дисциплинска постапка и дали се проверени наводите за брутално тепање и закани кон малолетно дете?
Бараме одговори и од новата шефица на ОЈО ГОКК Искра Хаџи Василева дали воопшто е иницирана кривична постапка за полициските службеници. Јасно е дека се додека нема кривична одговорност за корумпираните службеници во МВР, насилството ќе ескалира, а безбедноста на граѓаните ќе е директно загрозена токму од оние кои треба да се чувари на безбедноста


