Утрински Весник
Македонија

Уапсени пет лица, одземено оружје и муниција – МВР со детали за антитерористичката акција

Pet lica liseni od sloboda vo zaednicka antiteroristicka akcija na mvr i anb image dghp.jpg

Министерството за внатрешни работи, односно Бирото за јавна безбедност, во координација со Агенцијата за национална безбедност, реализираше заедничка антитерористичка акција насочена кон откривање и спречување активности поврзани со кривичните дела „Тероризам“ и „Терористичка организација“.

Акцијата следува по информации добиени од АНБ во рамки на меѓународната соработка, кои на почетокот на годинава беа доставени до Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал. Информациите се однесувале на шест лица, државјани на Република Северна Македонија, на возраст од 29 до 73 години, од Скопје и Куманово.


По преземените координирани оперативни и истражни активности, акцијата беше реализирана од надлежните полициски служби при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, со поддршка на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“.

Врз основа на наредби од судија на претходна постапка, беа извршени претреси на четири локации, при што беа лишени од слобода четири лица. Дополнително, во Република Грција беше лишено од слобода уште едно лице, кое беше предадено на надлежните органи во нашата држава. По шестото лице, за кое има сознанија дека се наоѓа надвор од државата, се трага.

При претресите беа пронајдени и одземени мобилни телефони, лаптопи, персонални компјутери, УСБ-мемориски уреди, тефтери со контакти, скица со означена локација, како и огнено оружје и муниција, од кои дел без соодветна дозвола. Одземените предмети ќе бидат предмет на понатамошни анализи и вештачења.

Во текот на постапувањето беше утврдена меѓусебната поврзаност на лицата, како и нивната поврзаност со странски државјани, меѓу кои и лица поврзани со т.н. прокси-мрежи. Исто така, беше утврдено дека имале намера да извршат терористички акт насочен кон цел на територијата на друга држава.

За преземените активности и утврдените сознанија е известено надлежното јавно обвинителство, а на пет лица им се определени соодветни мерки од страна на судија на претходна постапка.

Оваа акција е потврда за високото ниво на соработка и оперативна координација меѓу МВР/БЈБ и АНБ, која се темели на континуирана размена на информации, заедничка анализа на безбедносните сознанија и координирано постапување.

Континуитетот на оваа соработка го потврдува и фактот што од крајот на 2024 година до денес, во координација со АНБ, МВР постапувало во 10 случаи во кои биле опфатени вкупно 22 лица, како и во два одделни случаи против две лица за кривичното дело „Учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации во обид“.

МВР и АНБ продолжуваат со интензивната соработка, заедно со надлежното јавно обвинителство и меѓународните партнери, со цел навремено откривање и спречување на активности што можат да ја загрозат националната и регионалната безбедност.

Можете да прочитате

Законските измени за заштита на жените стојат во фиока од август – веднаш да се стават на дневен ред, бара СДСМ

АНБ: Разоткриена иранска прокси мрежа, планирала терористички напад

ВМРО-ДПМНЕ: Протестот во Охрид е за фотелји, а не за правда