
Сопствениците што купуваат дополнителни станови како инвестиција треба да плаќаат повисок данок од семејствата што живеат во единствениот стан што го поседуваат, оцени економскиот аналитичар Славко Лазовски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ. Според него, при оданочувањето треба да се земе предвид дали станот му служи на сопственикот како дом или е купен за вложување.
„Колку е праведен даночниот третман што го добива едно семејство кое живее во стан, во споредба со друго кое го купило станот како инвестиција? Мора да се направи разлика тука“, истакна Лазовски.
Тој посочи дека во Скопје се градат голем број нови станови, додека дел од постојните остануваат празни. Според него, повисок данок на дополнителниот станбен имот би можел да го намали интересот за купување станови исклучиво како начин на штедење.
„Мора да се оданочува оној што има вишок станбен фонд, станбена површина, и тоа повеќе, за да се дестимулира штедењето преку купување нови станови“, нагласи тој.
Лазовски оцени дека граѓаните често ги вложуваат заштедите во недвижности бидејќи другите можности за инвестирање се недоволно развиени или малку познати. Тој смета дека државата треба да поттикне вложувања во државни и општински обврзници и во акции, со што дел од заштедите би можеле да се насочат кон други економски активности.
Според Лазовски, различниот даночен третман би придонел за поправедно оданочување на сопствениците и за подобро искористување на постојните станови.



