
Јавното обвинителство на Македонија внимателно ги следи случувањата поврзани со Алта банка, чија матична банка во Србија се соочува со сериозна истрага, апсења и сомневања за злоупотреба на стотици милиони евра. Сепак, засега нема потврда дека македонските обвинители презеле конкретни истражни дејствија во врска со работењето на Алта банка АД Битола или со начинот на кој српската банка го презела мнозинскиот сопственички удел во поранешната Стопанска банка Битола.
Државниот јавен обвинител Ненад Савески денеска, одговарајќи на новинарски прашања по седницата на Советот на јавните обвинители, изјави дека Обвинителството ја набљудува состојбата и дека ќе реагира доколку се утврдат индиции за кривично дело.
„Како и секоја констатирана ситуација којашто буди особен интерес во јавноста, така и оваа ситуација се набљудува од страна на Јавното обвинителство и доколку детектираме дека станува збор за нешто што е поврзано со кривично-правен настан, ние немаме друг избор освен да реагираме. Меѓутоа, не можам конкретно да ви одговорам во овој момент бидејќи е прерано“, изјави Савески.
На прашањето дали македонските обвинители побарале информации од правосудните органи во Србија, каде што веќе е отворена истрага за работењето на банката, Савески потврди дека досега немало комуникација за конкретниот случај.
Тој, сепак, нагласи дека соработката меѓу обвинителствата на двете држави е на високо ниво и дека, доколку се појави потреба, размената на информации ќе се реализира без пречки.
„Ние имаме прекрасна соработка со колегите од соседна Република Србија, така што доколку има потреба од такви податоци и комуникација со правосудните органи од Република Србија, тоа секако непречено би се остварило“, рече државниот јавен обвинител.
Случајот со Алта банка предизвика сериозни потреси во банкарскиот сектор во Србија, но и загриженост кај македонските граѓани и компании кои имаат средства во Алта банка АД Битола.
На 31 октомври Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа на Алта банка АД Белград, а на 3 ноември беше отворена стечајна постапка.
Во меѓувреме, на 2 ноември беше уапсен сопственикот на банката, Давор Мацура, кој се најде под истрага на српските органи за организиран криминал.
По сослушувањето, неговиот адвокат соопшти дека Мацура ги отфрлил наводите од кривичната пријава. На 4 ноември Вишиот суд во Белград му одреди 30-дневен притвор, како и на уште двајца вработени во банката.
Според сомневањата на српските истражни органи, Мацура ја злоупотребил својата положба и од банкарскиот трезор изнел средства во вредност од околу 45 милијарди динари, односно повеќе од 380 милиони евра. Двајцата вработени се осомничени дека му помогнале во извршувањето на делото.
Овие наводи засега се предмет на истрага и не претставуваат судски утврдена вина.
Случувањата во Србија директно се одразија и врз македонскиот банкарски сектор, бидејќи Алта банка АД Белград од минатата година е мнозински сопственик на Алта банка АД Битола, по преземањето на некогашната Стопанска банка АД Битола.
По избувнувањето на кризата, Народната банка на Македонија донесе одлука за воведување привремена администрација и заштитни мерки во битолската банка, со цел да се спречат поголеми одливи на средства и да се зачува стабилноста на банкарскиот систем.
Со мерките, за физичките лица е воведен неделен лимит од 10.000 денари за подигање готовина и користење платежни картички, додека внатрешните трансфери кон други физички и правни лица во рамките на банката остануваат неограничени.
Од денеска, преку посебни шалтери, граѓаните кои немаат платежни картички ќе можат да подигнуваат до 20.000 денари неделно.
Случајот добива и политичка димензија. Во Собранието се очекува одржување надзорна расправа за случувањата со Алта банка, на барање на опозицијата.
Од СДСМ во повеќе наврати побараа Јавното обвинителство да отвори истрага за евентуална одговорност на премиерот Христијан Мицкоски и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во врска со преземањето на Стопанска банка Битола од страна на српската Алта банка.
Опозициската партија бара да се испитаат околностите под кои била одобрена сопственичката трансакција, како и дали надлежните институции располагале со сите потребни информации за финансиската состојба и репутацијата на инвеститорот.



