
Полицијата сè уште е распоредена во Франкфурт по немирите што избувнаа синоќа, а обемот на материјалната штета сè уште се утврдува, изјави портпаролот на полицијата.
Немирите следеа по протестите на младите луѓе кои бараа подобри услови во училиштата, ублажување на последиците од зголемените трошоци за живот и поголема социјална правда.
Протести вчера се одржаа во 34 германски градови.
Поголемиот дел од протестите поминаа без инциденти. Меѓутоа, во Франкфурт демонстрантите кршеа излози, крадеа стока од продавниците и напаѓаа полицајци. Полицијата уапси повеќе од 30 лица и блокираше дел од центарот на градот.
Портпаролот на полицијата утрово изјави дека е потребно да се обезбедат продавниците што беа ограбени за време на немирите.
Сè уште не е познато колку луѓе беа повредени во немирите, додаде тој.
Премиерот на сојузната покраина Хесен, Борис Рајн, изјави дека е шокиран од „насилните испади во Франкфурт“, кои „нема да поминат без последици“.
„Секој што се однесува како напаѓачите во центарот на Франкфурт е исклучен од нашето општество. Внимателно ќе ги анализираме напаѓачите, групите сторители и текот на настаните и ќе извлечеме соодветни заклучоци“, рече Рајн
Во центарот на Франкфурт синоќа демонстрантите кршеа излози и ограбуваа продавници, при што насилството продолжи откако полицијата ги растера учесниците во демонстрациите.
Новинари на ДПА забележаа како неколку лица влегуваат во продавници и крадат патики и друга стока. Нападната била и специјализирана продавница за оружје.
Полицијата во германскиот финансиски центар потврди дека биле искршени излози на неколку деловни објекти.
„Врз припадниците на итните служби се фрлаат и молотови коктели“, соопшти полицијата, мислејќи на импровизирани запаливи направи направени од шишиња полни со запалива течност.
Од полицијата наведоа дека насилни групи останале активни во центарот на градот дури и откако демонстрациите биле растерани, по серијата напади врз полициските службеници.


