Утрински Весник
Свет

ФБИ уапси тинејџер кој планирал масовен напад во трговски центар во Минесота

Fbi.webp.webp

Федералното истражно биро (ФБИ) спречи планиран терористички напад врз трговски центар во Минесота и уапси 18-годишник, откако агентите го следеле речиси две години и во тајна операција му продале автоматска пушка АК-47 и муниција, соопштија денеска американските власти.

Осомничениот Шејкдун Абдулахи Мохамуд бил уапсен во вторникот во парк во Ричфилд, откако на агент на ФБИ под прикритие, кој се претставувал како припадник на Исламска држава, му платил 600 долари за пушката и 200 куршуми. Сојузниот обвинител Даниел Розен изјави дека агентите успеале навреме да ја откријат заканата и да го спречат нападот, наведувајќи дека Мохамуд планирал да убие меѓу 30 и 60 луѓе.


Според кривичната пријава, Мохамуд од декември 2024 година разменувал пораки со доверлив информатор на ФБИ. Тој првично имал намера да замине во Сомалија за да се бори на страната на милитантите од Ал Шабаб, но бидејќи ги немал потребните финансиски средства за патувањето, одлучил да изврши напад врз трговски центар во САД.

Во разменетите пораки тој повеќепати потврдил дека има намера на 24 октомври да изврши напад и да убие немуслимани во трговскиот центар, за кога била закажана културна манифестација на етничката заедница Хмонг. На прашањето дали е сигурен во својата намера, тој одговорил: „Да, 100 отсто сум сигурен“.

Мохамуд вчера беше изведен пред федералниот суд во Сент Пол, каде што изјави дека е невработен, нема дом, автомобил ниту парични средства на банкарска сметка. На сослушувањето го застапуваше федералната јавна бранителка Сири Карлсон Мекдауел.

Од ФБИ соопштија дека Мохамуд првпат го привлекол вниманието на службата уште во декември 2024 година. Кога агентите дошле во неговиот дом во мај 2025 година, неговиот татко одбил да разговара со нив и најавил дека комуникацијата ќе оди преку адвокат. По овој повод, обвинителот Розен ги повика родителите сериозно да ги сфатат предупредувањата на федералните органи доколку забележат знаци на радикализација кај нивните деца.

Во сојузната држава Минесота живеат десетици илјади луѓе од сомалиско потекло, а во изминатите години неколку поединци од оваа заедница беа обвинети за обиди за приклучување кон милитантни организации во странство.

Можете да прочитате

СЗО: Нема целосна слика за случајот со можна смрт од чума во Русија

Во напад со дрон оштетен најголемиот дата-центар на „Јандекс“ во Русија

САД повлекоа дел од своите сили од база во Кувајт по ирански напади