Утрински Весник
Економија

Битиќи: Населението старее, а притисокот врз пензискиот систем станува алармантен

438888572 866609755477337 333525843999905136 n.jpg

Македонија влегува во период на забрзано стареење на населението, а тоа директно го зголемува притисокот врз пензискиот систем, кој веќе добива алармантни размери, изјави пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи во „Тема на денот“ во Дневникот на ТВ Сител.

Бидиќи предупредува дека демографските проекции веќе не оставаат простор ова прашање да се одложува, затоа што 18,6 проценти од населението е над 65 години, а тој удел продолжува да расте.


„Владата мора да знае како ќе одговори на тоа, не само за една година, туку и за пет години. Брзо ќе дојде моментот кога тој удел ќе биде 26 проценти од популацијата“, рече Битиќи.

Тој посочи дека демографските проекции од 2024 година треба да бидат основа од која треба да почне секоја сериозна расправа за иднината на пензискиот систем.

„Тоа се нашите родители, тоа се нашите баби и дедовци, луѓе што дале придонес за оваа држава. Ние како политичари мора да им одговориме и да им кажеме дека ќе се грижиме за нив, но истовремено мора да се грижиме и за следните генерации“, истакна Битиќи.

Според него, состојбата со ПИОМ не може да се гледа изолирано од другите системи, затоа што притисокот врз пензискиот фонд директно се пренесува и врз здравствениот систем.

„Пензискиот фонд е сериозен, алармантен, но тука е и здравствениот фонд. Од пензискиот фонд кон здравствениот фонд треба да се префрлаат средства за да се обезбеди здравствено осигурување за луѓето во третата доба. И таму имаме сериозни доцнења“, рече Битиќи.

Тој додаде дека ваквата состојба веќе има последици и врз квалитетот и навременоста на здравствените услуги.

„Затоа Фондот за здравство не може да ги сервисира потребите. Несервисирањето на потребите значи ненавремени здравствени услуги, а потоа се отвора и прашањето за нивниот квалитет“, рече Битиќи и нагласи дека стареењето на населението, одржливоста на пензискиот систем и состојбата на пазарот на труд мора да се разгледуваат заедно, затоа што без поголема економска активност и поголем продуктивен потенцијал, притисокот врз системот во следните години ќе станува уште посилен.

Можете да прочитате

Светска банка: Македонија има потенцијал за побрз раст, клучни се инвестициите и структурните реформи

Мицкоски: Растот на БДП ќе биде меѓу 3,5 и 4 отсто, очекуваме една од најниските инфлации во регионот

Европските даночни советници доаѓаат во Скопје: ИСОС домаќин на Собранието на CFE Tax Advisors Europe во 2027