Утрински Весник
Македонија

Мицкоски: Фон дер Лајен ја оцени како инспиративна работата на Владата во реформите и патот за ЕУ

Image 2026 10 05 123825532.png

Премиерот Христијан Мицкоски денеска оцени дека посетата и средбата со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, биле исклучително квалитетни, содржајни и пријателски демантирајќи ги, како што рече, толкувањата на опозицијата и на одредени медиуми блиски до опозицијата дека изразил незадоволство од нејзините пораки или од застојот на патот кон ЕУ.

– Видете, јас тоа го слушнав од опозицијата и од одредени медиуми блиски до опозицијата. Мислам дека не само што не ја говорат вистината, туку и се обидуваат сега и да ја искривуваат вистината. Јас, напротив, кажав дека имавме исклучително квалитетен, содржаен, пријателски состанок и дека сето она што во иднина претставува лична посветеност и посветеност на Европската Унија нè мотивира да продолжиме по патот на реформите и така и ќе продолжиме во периодот што следува – истакна Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за време на посетата на општина Теарце, каде што денеска присуствуваше на пуштање во употреба детска градинка. 


Тој нагласи дека претседателката на Европската комисија укажала на инспиративната работа на Владата во однос на реформите и евроинтегративниот процес.

– Јас само ќе кажам дека претседателката Фон дер Лајен како никогаш досега рече дека оваа Влада прави инспиративна работа за реформите и за сето она што е посветено на приклучување на државата кон Европската Унија. Така што, јас очекувам дека во периодот што следува, конечно, ќе можеме сите ние да го интензивираме овој процес и да најдеме решение од ситуацијата во која се наоѓаме – нагласи премиерот.

Во однос на конкретната средба со бугарската страна, премиерот повтори, по совет од претседателката на Европската комисија, дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија побарало средба, но сè уште нема одговор.

– Што се однесува до разговорот, јас ќе повторам, добив совет од страна на претседателката на Европската комисија, кој го прифатив. Го замоливме министерот за надворешни работи и надворешна трговија да побара средба, тој тоа го направи. Сè уште немаме одговор, кога ќе добиеме, тогаш повеќе ќе можеме да коментираме – изјави Мицкоски. 

Можете да прочитате

Координативен состанок на претставници на институциите и Општина Крива Паланка за надминува на проблемот со кравите

Мицкоски во Берлин на состанокот посветен на Украина

Левица: Не остана ниту „н” од независноста на РКЕ