Утрински Весник
Македонија

Серафимовски до студентите: Бидете генерацијата што преку дигитализацијата ќе ја поврзе земјоделската традиција со иднината

Slika 7.jpg

Новата генерација агрономи, инженери и истражувачи има знаење и потенцијал да ја предводи дигитализацијата на македонското земјоделство и да ги поврзе традицијата во производството, науката и технологијата на иднината, порача министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски на првиот академски час на Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.

 „Дваесет години од мојот професионален живот поминав во високото образование. Затоа денес не доаѓам само како министер, туку и како човек кој добро го познава академскиот свет и верува во неговата моќ да создава знаење и да го менува општеството”, истакна министерот Серафимовски.


Во своето обраќање тој се осврна на климатските промени, зачувувањето на почвата и водата, безбедноста на храната, недостигот од работна сила и потребата од поголема продуктивност. Министерот Серафимовски нагласи дека одговорите на овие предизвици се во поврзувањето на традиционалното знаење со научните истражувања, иновациите и современите технологии.

„Современото земјоделство веќе вклучува сателитски податоци, дигитални карти, сензори, дронови, автоматизирани системи, прецизно наводнување и вештачка интелигенција. Земјоделецот на иднината ќе ја познава земјата, но ќе знае да управува и со податоци. Технологијата нема да го замени човекот, туку ќе му помогне да носи подобри, побрзи и попрецизни одлуки”, порача министерот Серафимовски.

Тој посочи дека соработката меѓу Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Факултетот за земјоделски науки и храна ќе се развива како суштинско партнерство преку кое научните сознанија ќе се вградуваат во земјоделските политики и ќе стигнуваат до производителите и компаниите.

„Земјоделството е храната на нашите трпези, почвата и водата, животот во селата, животната средина и сигурноста на државата. Затоа не ја чекајте иднината, бидете проактивни и со љубопитен дух создавајте ја преку знаење, наука, технологија, труд и одговорност. Наша обврска е да создадеме услови вашите идеи да се реализираат овде, во нашата татковина”, порача пред студентите министерот Серафимовски.

Можете да прочитате

Левица: МВР на Тошковски се обиде да ги евидентира заканите на градоначалник кон советничка како поплака, ќе бараме внатрешна контрола

МВР поднесе кривична пријава против 21 лице за недозволена трговија со дрога и економски криминал

Левица поднесе интерпелација за министерката Божиновска