
Македонија се соочува со сериозен недостиг на квалитетен инженерски и технички кадар, а причината за заминувањето на младите стручњаци во странство повеќе не се само платите, туку начинот на кој е организиран и функционира системот во државата. Ова го истакна претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Ацо Ристов, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Според Ристов, компаниите и институциите во енергетскиот и техничкиот сектор имаат сè поголем проблем да обезбедат стручен кадар. Тој посочи дека голем дел од младите инженери уште по завршувањето на студиите размислуваат за заминување од Македонија.
„Околу 80 до 85 проценти од завршените студенти на техничките науки уште во првиот момент размислуваат за заминување во странство. Ние понекогаш немаме ни можност да го тестираме нивниот квалитет затоа што тие воопшто не ни влегуваат во нашиот систем. Затоа мора да најдеме начин како да ги задржиме и да ги внесеме во домашните компании каде што ќе стекнат практично искуство“, истакна Ристов.
Тој нагласи дека ниту еден млад инженер не излегува од факултет целосно подготвен за сите предизвици на професијата и затоа, според него, потребни се силни домашни компании во кои младите ќе можат практично да го надградат стекнатото знаење.
Ристов смета дека е особено загрижувачки што дел од младите кои завршиле тешки технички факултети, по заминувањето во странство воопшто не работат во професијата за која се образувале.
„Студиите на техничките факултети се меѓу најтешките. Навистина е жално да потрошите четири или пет години од животот за да се стекнете со таква тешка инженерска диплома, а потоа во странство да работите нешто што нема никаква врска со вашата струка“, рече тој.
Според претседателот на РКЕ, финансискиот фактор повеќе не е главната причина поради која инженерите ја напуштаат Македонија. Тој тврди дека инженерскиот кадар денес е значително подобро платен и дека во голем дел од секторите платите надминуваат 1.500 евра.

„Тврдам дека за инженерскиот кадар во Македонија, било во градежништвото или во електросекторот, платите веќе се над 1.500 евра скоро насекаде и парите повеќе не се проблем. Затоа се поставува прашањето: дали парите се главниот мотив за заминување или организацијата и уреденоста на државата? За помладите генерации очигледно пресудна е организацијата на системот во кој живеат“, заклучи Ристов.

